Според тим од британски и мексикански истражувачи, еко-туризмот може да го промени однесувањето на кит-ајкулите. Студијата објавена во Scientific Reports, вели дека кит-ајкулите (Rhincodon typus) се однесувале повознемирено во присуство на нуркач околу нив.
Овој наод укажува на постоење на проблем, бидејќи според Меѓународната унија за зачувување на природата, повеќе од една третина од видовите на ајкули и на ражи се соочуваат со истребување поради прекумерниот риболов, уништување на живеалиштата и климатските промени.
Еко-туризмот би требало да го помогне зачувувањето на ајкулите преку зголемување на јавната свест и со генерирање на приходи што потоа би се влевале во програмите за конзервација. А не дека нема пари во овој вид туризам – еден труд од 2013 година процени дека еко-туризмот, специфично оној дел што на тој што ќе посака му овозможува да плива меѓу ајкули, на годишно ниво заработува 314 милиони американски долари. Но, истражувачите континуирано искажуваат загриженост дека интеракцијата на ајкулите со луѓето може да го промени однесувањето на животните, и да има мошне несакани еколошки последици.
Во новото истражување бил користен дрон за да се направат видео снимки од кит-ајкулите во заливот Ла Паз, Мексико. Потоа биле анализирани 19 видеа каде ајкулите пливаат сами, и 20 каде едно лице влегува во водата и плива покрај нив. Лицето „имитирало типично екотуристичко однесување, пливајќи паралелно со ајкулата и одржувајќи постојано минимално растојание од два метри помеѓу него и ајкулата“, се вели во журналот.
Истражувачите откриле дека ајкулите покажуваат суптилни знаци на поголема вознемиреност кога некое лице пливало со нив, движејќи се побрзо од вообичаеното. Според истражувачите, ваквото однесување може да донесе еколошки последици. Имено, ако ајкулите трошат повеќе енергија од вообичаено, тие можеби нема да бидат подготвени за да најдат храна или за размножување.
Имајќи ги предвид овие резултати истражувачите во нивниот труд предлагаат дека е потребно да се процени „почетната состојба на однесувањето на поединците” пред тие да се пуштат да пливаат заедно со животните и дека “регулативите во врска со минималното растојание помеѓу човекот и ајкулата треба да се ревидираат и детално да се разгледаат“.