На 3 септември оваа година македонскиот радиоаматер Владимир Ковачески, со индивидуален повикувачки знак Z35M, го одржа својот 1000-ти портабл на куси бранови (КБ) со користење ултралесна опрема, независно батериско напојување и мала излезна моќност на предавателот од 5W (QRP). Ова јубилејно портабл активирање беше реализирано од островот Голем град во Преспанското езеро, што се смета за прва радиоаматерска активност од оваа потешко достапна локација.
Портабл активностите се реализирани во изминатите 14 години, со одржани 30 илјади радиоврски со сите континенти. Најчесто со практикување немоторизиран пристап, за активирањата на отворено користени се атрактивни локации како планински врвови, историски тврдини, езерски, морски и речни крајбрежја, острови, национални паркови и останати заштитени подрачја во Македонија и 14 европски држави (Албанија, Белгија, Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Црна Гора, Грција, Бугарија, Унгарија, Австрија, Германија, Франција, Холандија и Луксембург). Реализирани се КБ активирања и како мобилен пешак и од објекти во движење (велосипед, чамец, брод, автомобил, кабина на жичница).
Островот Голем град во Преспанското езеро и Владимир Ковачески, Z35M на островот Голем град за 1000-то портабл активирање
Во 2016 година Владимир Ковачески ја основаше неформалната "Z3 Портабл Група" која што промовира радиоаматерски активности од издвоени локации, а чиишто искуства можат да се применат и од фиксни локации, особено во услови на недоволен простор за поставување антени и останати ограничувања во опкружувањето.
Со Герила QRP портабл стилот, којшто самиот тој го воведе, Ковачески има реализирано и 14 прекугранични велосипедски радиоаматерски експедиции во Албанија, како и една во Грција.
Во 2016 година тој беше апсолутен светски победник во целогодишниот Field Flowers QRP Portable Marathon, со реализирани 142 портабл активирања и остварени 3736 радиоврски од кои најдалечната со Нов Зеланд.
Вертикална антена (5м) (лево) и Ултра-лесен КБ радиоуред со вградени батерии и автоматски антенски прилагодувач, со морзе рачки прикачени на куќиштето (десно)
Освен од портабл, со половина милион радиоврски досега, секојдневно е активен и од неговите фиксни радиостаници во Скопје и во Струга, како и од Тирана, Брисел и Сараево, каде што престојуваше повеќе години работно.
Ковачески повеќе пати има објавувано написи за радиоаматерски теми во Емитер, но и во повеќе реномирани странски списанија, а има одржано и презентации за портабл активации како во земјава така и во странство.