Во САД започна првото тестирање врз луѓе на таблета способна да се спротивстави на ефектите од нуклеарното зрачење од таканаречените валкани бомби или од нуклеарно оружје. Вестите дојдоа од американскиот Национален институт за здравство (NIH), при што се прецизира дека во претклиничките студии пилулата успешно отстранила многу од радиоактивните метали, вклучувајќи ураниум, нептуниум, плутониум, америциум и кириум.
Во испитувањето учествуваат 42 доброволци, кои орално ќе ја добиваат таблетата наречена HOPO 14-1. Учесниците ќе бидат поделени во седум групи од по шесторица – првата група ќе добие најниска доза од 100 mg, додека последната група ќе добие највисока доза од 7500 mg. Ако првата доза се смета за безбедна и ефикасна, ќе се тестира и доза под 100 mg. Волонтерите потоа ќе бидат надгледувани 14 дена: ако сѐ биде во ред, тестовите ќе продолжат со испитувања во фаза 2 и 3 и, според Националниот институт за алергија и заразни болести (NIAID), третманот би можел да биде достапен веќе од следната, 2024 година.
При детонацијата на валканите бомби во воздухот се ослободуваат тешки метали кои луѓето можат да ги апсорбираат преку рани на кожата, со дишење или преку контаминирана храна, при што доаѓа до оштетување на ДНК, ткивата и органите, а се зголемува и ризикот од разни заболување и развој на најразлични животнозагрозувачки состојби, тука вклучувајќи и рак. Во моментов постојат лекови кои се способни да се прикачат за некои од споменатите тешки метали и да ги отстранат од телото во најкус можен рок. Два вакви лека се веќе достапни во САД, но имаат голем недостаток во нивната примена. Имено, тие треба да се администрираат интравенски и можат да апсорбираат само три тешки метали – плутониум, америциум и кириум, притоа како несакан ефект се јавува и отстранување на некои од јоните што се неопходни за функционирање на телото, како што е магнезиумот, кој го употребуваат мускулите за да се придвижат.
Новиот третман, чијшто развој започна во 2006 година, е до 100 пати поефикасен во отстранување на тешките метали и може да ги отстрани во многу поголема количина. Освен тоа тој се администрира орално, што е значајна предност при итни случаи.