Претходно видовме дека системот ХААРП не може да се користи за влијание на атмосферата и за модификација на времето, а сега ќе видиме дека истиот не може да се искористи ни за влијание на мислите и психата на луѓето.
Најпрво да видиме колку силно магнетно поле не влијае на мозокот. Апаратите за снимање на мозокот со магнетна резонанса (MRI) создаваат екстремно силно магнетно поле со густина на магнетниот флукс B (магнетна индукција) од 1 до 2 Т (тесла). За споредба, Земјиното магнетно поле има флукс од 25 до 65 uT (микротесла), односно послабо е за најмалку 20.000 пати. Покрај ова силно статичко магнетно поле кај МРИ апаратите, што се користи за да ги ориентира спиновите на електроните во една насока, се генерира и променливо магнетно поле, со фреквенција од редот на десетици и стотици херци (значи над фреквенцијата на гама брановите на мозокот), коешто е послабо и се користи во процесот на скенирање и добивање на слика од мозокот. Милиони луѓе секојдневно се снимаат со МРИ без никакви проблеми со здравјето и психата.
Да се вратиме на ХААРП-от. Најпрво, тој емитува радио бранови на краткобрановото подрачје, од 2,8 до 10 MHz, односно далеку над фреквенциите на мозочните бранови (од 0,4 Hz до 100 Hz, одејќи од делта до гама бранови). Од друга страна, со ХААРП успешно е спроведен експеримент за генерирање на екстремно долги бранови (ELF - Extra Low Frequencies), со фреквенции од 30 до 300 Hz, заради потенцијална можност за комуникација со подморници, бидејќи единствено овие бранови можат да продираат со стотици метри под морската површина.
ELF брановите се споменуваат тука само затоа што нивната фреквенција е блиска до фреквенцијата на мозочните бранови, иако нема докази дека овие радио-бранови влијаат на мозокот. Мозочните бранови претставуваат збирни бранови на електричната активност на милијарди неурони и невозможно е преку една дадена фреквенција да се влијае на поединечната работата на милијарди неурони.
Генерирањето на ELF бранови со помош на ХААРП е можно благодарение на модификацијата на јоносферата со силните радио бранови на предавателот на кратки бранови. На тој начин постигнато е нелинеарно однесување на јоносферата, а познато е дека на нелинеарен елемент (на пример диода) со мешање на две повисоки фреквенции може да се добие многу пониска фреквенција. Во секој случај, иако експериментот бил успешен, јачината на сигналите била многу помала отколку со традиционалните предаватели и антени за ELF, па овој метод бил напуштен.
Сега ќе пресметаме за колкави јачини на електричното и магнетното поле се работи кај ELF уредите за врски со подморниците. Такви уреди инаку во светот имаат само четири земји – САД, Русија, Кина и Индија. Како антена се користи дел од Земјината кора, на места кадешто спроводливоста на земјиштето е многу ниска. Сигналот од предавателот се води со преносни линии до два оддалечени метални шипа, забиени длабоко во земјата, на растојание од 50-60 km. Бидејќи 50 km претставува многу мал дел од брановата должина на сигналот (1000 km за фреквенција од 300 Hz, односно дури 10 000 km за фреквенција од 30 Hz), ефикасноста на антената е многу ниска, од редот на eta=0,1%, па и помалку. Моќноста на предавателот е од редот на P=1 MW. Ќе сметаме дека антената зрачи подеднакво во сите насоки (изотропен радијатор).
На растојание d=1.000 km (најмало можно растојание од ХААРП на Алјаска до првите поголеми градови), густината на моќноста ќе изнесува:
PF = P*eta/(4*pi*d^2) = 10^6*10^(-3)/(4*3.14*(10^6)^2) = 8*10^(-11) W/m^2 = 80 pW/m^2 (пиковати на кв. метар)
Формулата кажува дека ефективно иззрачената моќност (броителот на формулата) се дели со површината на сверата, со радиус еднаков на растојанието од предавателот (во именителот).
Флуксот на моќноста PF (интензитет на Поинтинговиот вектор) инаку претставува производ на јачината на електричното поле E [V/m] и јачината на магнетното поле H [A/m], односно PF=E*H. Бранот на електричното поле патува заедно со бранот на магнетното поле (затоа и се нарекува електромагнетен бран) со брзина на светлината c=3*10^8 m/s. Во дадена точка двата брана претставуваат осцилации со иста фаза, а помеѓу себе се поврзани со равенката H=E/Z0, каде Z0=120*pi=377 ома. Така добиваме:
PF = E*H = E*(E/Z0) = E^2/Z0 [W/m^2].
Од тука можеме да ги пресметаме јачините на електричното и магнетното поле во дадена точка (ефективните вредности):
E = sqrt(PF*Z0) = sqrt(8*10^(-11) * 377) = 1,73*10^(-4) V/m,
H = E/Z0 = 1,73*10^(-4) / 377 = 4,6*10^(-7) A/m.
Густината на флуксот на магнетното поле (магнетната индукција) изнесува:
B = u0*H = 4*pi*10^(-7) * 4,6*10^(-7) = 5,77*10^(-13) T = 0,577 pT (пикотесла)
Тука u0 (ми нула) е магнетна пермеабилнот на вакуумот и изнесува 4*pi*10^(-7) H/m (хенри врз метар).
Оваа густина на магнетниот флукс B е 1.700 милијарди пати помала од флуксот во апаратите за магнетна резонанса, односно 43 милиони пати послабо од флуксот на магнетното поле на Земјата. Ако апаратите за магнетна резонанса не влијаат врз здравјето и психата на луѓето, како ќе влијае тогаш 1700 милијарди пати послабо поле?
Освен тоа, од ELF брановите не постои начин да се скриеме, освен во некаков Фарадеев оклоп. Каква е смислата за користење на такво неселективно оружје од кое никој не може да се скрие? Тоа е исто како со пандемијата на корона вирусот. Тој што намерно би го креирал и пуштил во циркулација е свесен дека не може да го избегне. Знаеме дека со корона вирус беше инфициран и американскиот претседателот Трамп, а Борис Џонсон, премиерот на Велика Британија, одвај куртули откако стигна до механичка вентилација на респиратор. Биолошкото оружје има смисла само ако се пренесува со инсекти (вектори) на ограничено географско подрачје, но при неселективно заразување од човек на човек, при непостоечка вакцина, тоа би било самоубиство и за нејзиниот творец.
Да заклучиме. Психотроничко оружје со радио-бранови не постои, односно за истото нема информации во научната литература. Со него единствено се занимаваат теоретичарите на заговор и за него пишуваат во разни списанија за забава, како и непроверени сајтови на Интернет. До денес се вршени научни испитувања врз луѓе со транскранијална магнетна стимулација (tMS) и транскранијална стимулција со еднонасочна струја (tDCS). Добиени се извесни (иако контроверзни) резултати за подобрување на концентрацијата и когнитивните способности (способност за учење), но за некакво влијание врз мислите и свеста, макар и за заспивање) не станува збор.
Во тие експерименти се користени јачини на електричната струја од околу 1 mA на местото од контактот на електродите со главата, а магнетните полиња се создадени од силни соленоиди, но далеку под 1 T. Во секој случај, влијание постои само на многу кратки растојанија, во рамките на една просторија, додека за некакво безжично влијание на далечина од стотици и илјадници километри не може да стане збор.
За влијание врз психата на војниците армиите од светот имаат други методи - психолошко-пропагандни операции, психотропни супстанции, па дури и боеви дроги. Под нивно влијание војникот се претвора во зомби - му се брише меморијата и волјата, слепо извршува команди, јуриша без страв под директен оган на непријателот, не чувствува болка и се бори додека може да стои на нозете. Кога веќе постојат овие таргетирани методи, зошто некој би губел време со радио-бранови на далечина, од кои нема никаков ефект?