Со сета еуфорија околу супермесечината се подзаборави на еден редовен августовски спектакл на ноќното небо – метеорскиот дожд Персеиди.
Персеидите се еден од најблескавите метеорски дождови во годината и се случува секоја година во периодот од 9 до 13 август. Овој метеорски дожд всушност претставува остаток од кометата Свифт-Татл, а е именуван по соѕвездието Персеј. Ове се должи на радијантот односно привидната насока од којашто метеорскиот дожд се чини дека паѓа а којашто се поклопува со местото каде го лоцираме соѕвездието Персеј на ноќното небо, во правецот на североисточниот дел на небото на Северната хемисфера.
Иако во текот на годината небото го осветлуваат повеќе метеорски дождови, Персеидите се доста популарни за набљудување меѓу астрономите-аматери поради тоа што како што при нивниот врв на темното ноќно небо можат да се забележат и до 100 метеори во текот на еден час.
Како што веќе кажавме Персеидите се видливи исклучиво од Северната хемисфера. Месечината барем вечерва, може да ви попречи во набљудувањето, но затоа во време на пикот на метеорскиот дожд, на 12 и 13 август (сабота/недела) условите по стемнување ќе бидат идеални, т.е. ако нема облаци над вашата глава. По ова, метеорскиот дожд во помал интензитет ќе остане видлив и во наредните неколку дена. Доколку планирате да го набљудувате овој метеорски дожд, побарајте го на потег помеѓу радијантот (североисточниот дел на небото) и зенитот (точката во небото директно над вас). Нема потреба од некои особени астрономски пресметки.
Дури и ако сте апсолутен астроном-почетник, без каква и да е апаратура, нема да го промашите спектаклот. Сè што ви треба е околина без светлосно загадување, мирна ледина и ќебе врз кое ќе легнете. Откако на вашиот ноќен излет надвор од градот ќе се испружите и ќе го пуштите погледот да талка по небото, сигурно за многу кратко време ќе бидете во можност да го лоцирате метеорскиот дожд.