Рубрика: Хемија
Бразилскиот плевел што може да го замени канабисот
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 03.08.2023 - 13:15

Тим бразилски научници откри дека едно мошне вообичаено растение за нивното поднебје содржи канабидиол (CBD), непсихоактивно соединение присутно во конопот (марихуаната) што нашироко се користи за медицински цели. За разлика од канабисот, каде ова корисно соединение доаѓа “во пакување” со тетрахидроканабинолот (THC), којшто е психотропна супстанција, бразилскиот плевел нема вакви “придружници”.

Растението наречено Trema Micrantha често се користи во процесите на пошумување поради неговата отпорност. Листовите од растението, кои имаат аналгетска моќ, се користат и за лекување на осип на кожата.

Како што споменавме и како што истакнува Родриго Моура Нето, молекуларниот билог и автор на трудот којшто чека објава, предноста на T. Micrantha е во тоа што содржи CBD, супстанција која се повеќе се користи за третирање на повеќе патолошки состојби како што се епилепсијата, хроничната болка и анксиозноста, но не и THC.

Тоа е легална алтернатива на канабисот“, вели Нето. „А се работи за растение кое расте насекаде во Бразил, па би било и многу поевтин и поедноставен извор за канабидиол”.

Според пазарната студија минатата година спроведена од Vantage Market Research, глобалниот пазар за CBD е во силен подем и би можел да досегне од денешните речиси 5 милијарди американски долари до фантастичните 47 милијарди американски долари во 2028 година. Тргувањето е водено главно поради неговата употреба во доменот на медицината и здравјето.

Токму затоа бразилските научници зацртаа продлабочување на истражувањето, со цел да се идентификуваат најдобрите методи за екстракција на состојката CBD од растението T. Micrantha и да се анализира нивната ефикасност кај пациентите со состојби кои моментално се третираат со канабис.

Клучни зборови: