Рубрика: Електроника
Конструиран транзистор од обработено дрво
Објавено на 01.08.2023 - 14:00

Тим органски хемичари и инженери од Универзитетот Линкопинг и Кралскиот институт за технологија KTH, обата во Шведска, демонстрираа дека функционални транзистори можат да се направат од обработено дрво. Резултатите од нивното истражување се објавени во Proceedings of the National Academy of Sciences.

Транзисторите се уреди кои префрлаат или засилуваат електрични сигнали во поголем уред. Научниците со текот на годините научија да ги прават сè помали. Во моментов, милијарди од нив можат да се сместат во еден компјутерски чип. Употребата на повеќето транзистори е ограничена кај одредени материјали – оние кои се користат кај компјутерските чипови, на пример, се поставени на основа изработена од полупроводнички материјал, силициум. Шведскиот тим ја разгледа можноста за создавање транзистори кои би можеле да се користат во биоелектронски производи, па дури и во уреди со чисто растителна основа. За да ја тестираат можноста, тие создадоа транзистор од дрво во комбинација со неколку други материјали.

Тимот тестираше повеќе видови дрвја и откри дека балсата најмногу одговара на нивните потреби поради нејзината сила, пропустливост и малата густина. Тие започнале со потопување на мали ленти од дрвото во хемиска бања за да се отстрани дел од лигнининот, со што ја направиле балсата попорозна. Потоа во тесните канали од дрвото, што вообичаено се користат за транспорт на водата и хранливите материи, внеле спроводен тип на пластика наречена PEDOT:PSS, со којашто ги обложле ѕидовите од каналите.

Сѐ на сѐ, биле потребни само три летви од обработеното дрво — од кои две широки што биле поставени една врз друга за да служат како контролни електроди, а третата била поставена попречно помеѓу нив, за да служи како канал помеѓу енергетскиот извор и струјниот одвод (drain). Тимот, исто така, ги исполнил шуплините во каналот со електролитен гел што овозможило движење на јоните и електроните. Исто така, лентите биле одвоени со тенок слој од целулоза. Како резултат се добил транзистор во облик на крст.

Електрохемиски транзистор од дрво (WECT). (А) Шпекулираниот оперативен механизам со фокус на дел од едно дрвно влакно со клеточен ѕид и лумен, (Б) кривата на пренос, (C) излезните криви на различни напони на портата и (Д) карактеристиките на динамичкото префрлување на фреквенција од 100 mHz. (Забелешка: Секое од мерењата е извршено на различни уреди.)

Тимот го тестирал нивниот уред со примена на струја од 2,5 волти и открил дека протокот на струја може да се прекине соодветно на планираното. Тимот признава дека нивниот уред е бавен во споредба со оние што се користат во моментов – потребна е приближно една секунда за да се исклучи струјата и пет секунди за таа повторно да се вклучи, но според нив самата конструкција покажува дека е изградбата на био-транзистори е возможна.

Клучни зборови:
Електрохемиски транзистор од дрво (WECT)

Електрохемиски транзистор од дрво (WECT). (А) Шпекулираниот оперативен механизам со фокус на дел од едно дрвно влакно со клеточен ѕид и лумен, (Б) кривата на пренос, (C) излезните криви на различни напони на портата и (Д) карактеристиките на динамичкото префрлување на фреквенција од 100 mHz. (Забелешка: Секое од мерењата е извршено на различни уреди.)