За да дојдеме до одговорот на прашањето, потребно е да направиме две пресметки на исплатливоста.
1. Производство заради продажба на ЕВН и евентуално остварување профит или
2. Производство за сопствени потреби заради заштеда
Ќе разгледаме еден типичен домашен систем без литиум-јонски акумулаторски батерии за складирање на енергијата со инсталирана моќност од 6 kW. Сметајќи со цена од 850 до 1.100 евра по киловат инсталирана моќност (според ЕВН снабдување), плус 200 евра за набавка на двонасочно броило и 1.000 евра за проект, инвестицијата во опремата би чинела помеѓу 6.200 и 7.700 евра за дадениот систем од 6 kW. Цената не вклучува државни субвенции. Проектираниот минимален работен век на опремата обично се усвојува да биде 25 години.
Сликата е илустративна и е генерирана од вештачка интелигенција
Годишното производство на електрична енергија зависи од сончевата ирадијација и бројот на сончеви часови, но можеме да земеме дека ќе изнесува околу 1.500 kWh од секој 1 kW инсталирана моќност. За 6 kW тоа би дошло околу 9.000 kWh/година.
Сега ќе ги разгледаме двата случаи на исплатливост.
1. Доколку произведуваме со цел да продаваме, треба да знаеме дека цената по која универзалниот снабдувач (ЕВН) ќе ни ја откупува електричната енергиа законски е ограничена на 90% од цената по која универзалниот снабдувач ја набавува од ЕСМ во пресметковниот период од 6 месеци, а истата моментално изнесува 56 евра/MWh. 90% од 56 евра/MWh изнесува 50.4 евра/MWh, односно 0,05 евра/kWh. Тука не е земен предвид ДДВ од 18%, којшто ефективно би ја намалилоткупната цена.
Во идеален случај, за 9.000 kWh/година од 6-киловатен систем би можеле да заработиме 454 евра годишно, односно за 25 години вкупно 11.350 евра, во денешни пари. Времето за враќање на почетната инвестиција, под претпоставка дека не сме подигнале кредит, изнесува (6.200...7.700)/454 = 13,6...17 години, што е прилично долго. Ако земеме кредит, работите стојат дури и полошо, ако претпоставиме дека цената на електричната енергија, изразена во евра, нема да расте со истото темпо. Потенцијаните дефекти на опремата и трошоците за поправка исто така не ги земаме во предвид, коишто секако го продолжуваат времето на поврат.
Нашата вкупна добивка за 25 години би изнесувала 11.350-(6.200...7.700)) = 3.650...5150 евра, односно на годишно ниво 146...206 евра. Годишниот принос во однос на вложените средства изнесува (146...206)/(6.200...7.700) = 1.9%...3,3%, што е прилично скромно за средства вложени на 25 години (всушност засекогаш се претворени во фиксни средства што не можат да се претворат во пари). Од друга страна, приносот на граѓанските обврзници моментално изнесува 5% годишно, при рок на достасување од само 2 години. Не дај Боже да се случи дефект на инвертер, па може лесно да се случи од профитабилен овој домашен бизнис да стане губитен.
Заклучок: инсталирањето домашни фотонапонски панели со исклучива цел остварување добивка од продавање на електричната енергија кон ЕВН НЕ СЕ ИСПЛАТИ, со оглед на таканаречените опортунитетни трошоци (изгубена камата доколку сме инвестирале готовина) или каматните трошоци (доколку сме граделе со позајмени пари).
2. Да го разгледаме вториот случај, домашно производство од фотонапонски панели за сопствени потреби со цел остварување заштеда. Тука најголем проблем ќе ни биде искористувањето на електричната енергија, имајќи предвид дека производството е најголемо околу пладне, но во тој период луѓето најчесто не се дома, а доколку се дома во тој период се троши релативно мал дел од вкупната дневна потрошувачка. Во македонски услови најголемата потрошувачка е во утринските и вечерните часови, но фотоволтаиците тогаш не произведуват енергија. На складирањето можеме веднаш да заборавиме, бидејќи цената на складирање изнесува од 75 до 110 евра/MWh (4,5...6,8 ден/kWh), што е речиси исто со цената на енергијата што ја плаќаме на ЕВН, не сметајќи ја цената на сопственото производство од нашите фотонапонски панели, којашто изнесува 2,46...3,1 ден/kWh (пресметано подолу).
Најпрво да ја пресметаме цената на енергијата што сме ја произвеле. Бидејќи ќе произведуваме за сопствени потреби, не можеме да сметаме со 1.500 kWh//година/kW, туку со најмногу 1.000 kWh//година/kW. Нашата инвестиција за 6 kW систем од 6.200...7.700 евра за период од 25 години на годишно ниво изнесува 248...308 евра. Ние би искористиле околу 6.000 kWh (2/3 од максимумот 9.000 kWh при оптимално искористување), така што цената на нашата енергија изнесува (248...308)/6.000 = 0,04...0,05 евра/kWh, односно 2,46...3,1 ден/kWh.
Оваа наша цена од 2,46...3,1 ден/kWh веќе значително е пониска од високата тарифа ВТ2 (4,89+2,62)*1,18 = 8,9 ден/kWh, а пониска е дури и од ниската тарифа НТ (1,40+2,62)*1,18 = 4,74 ден/kWh, иако не толку убедливо.
Иако цената на домашно произведената електрична енергија е пониска од цената на купената, таа не ни го решава проблемот со потрошувачката на енергија во вечерните часови. Во тој случај би требало да користиме акумулаторски батерии за складирање, со цена на складирањето 4,5...6,8 ден/kWh, така што нашата цена би достигнала (2,46...3,1)+(4,5...6,8) = 6,96...9,9 ден/kWh, што е повисоко дури и од цената на купената енергија во високата тарифа ВТ2 од 8,9 ден/kWh.
Но, вистинската предност на производството од сопствени ФН панели се согледува во намалувањето на вкупната потрошувачка од мрежа, со што се отстранува опасноста да навлеземе во четвртиот тарифен блок ВТ4, со цена од дваесетина денари по киловатчас. Ова би бил случај доколку се грееме исклучиво со електрична енергија. Доколку решиме да се грееме на електрична енергија и сакаме максимално да ја искористиме сопствената ФН енергија, тогаш е најдобро да се употреби топлинска пумпа која што ќе генерира топлина за време на сончевите часови и истата би се акумулирала во топлински акумулатор (топлински изолирана цистерна со вода). Бидејќи не би биле приклучени на мрежа, би можеле да инсталираме повеќе од 6 kW и да заштедиме на двонасочно броило и проект.
Заклучок: иако цената од домашните фотоволтаици е пониска во текот на „сончевите“ часови и носи заштеди, таа заштеда многу не придонесува кон вкупната заштеда, затоа што во во вечерните часови цената на складирањето би ја поништила заштедата и би се издначиле со цената на купената електрична енергија (освен ако не примениме топлинска пумпа и топлински акумулатор). Крајниот резултат е само минимална заштеда и тоа само во случај ако успееме така да го организираме животот, па трошиме само во тек на „сончевите“ часови. На пример, ако сме пензионери и готвиме/переме на пладне, ја загреваме/ладиме куќата со клима уред претежно преку ден, евентуално акумулираме термоакумулациона печка за време на сончевите часови. При тоа треба да имаме на ум дека еден поголем дефект (на пример прегорување на инвертерот, што е прилично скап) може лесно добивките да ги претвори во загуби.
На крајот, да кажеме дека оваа анализа важи за малите домашни производители, коишто можат да ја продаваат енергијата единствено на ЕВН. Пресметките се сосема поинакви за големите производители со фотонапонски фарми, коишто можат да ја продаваат електричната енергија на отворен пазар, на индустријата или да ја извезуваат. Но, кај нив има друг вид на ризик, а тоа е ценовниот ризик, поради флуктуација на берзанските цени (понекогаш се намалуваат блиску до нула, па дури стануваат и негативни).
Исто така, да не ги заборавиме и компаниите коишто произведуваат енергија за сопствени потреби. Тие заштедуваат многу повеќе, во однос на индустриската тарифа, односно цените на отворениот пазар. Интересно, оние компании коишто пред 1-2 години, за време на скапата увозна енргија, изградиле фотонапонски фарми, веќе ги вратиле вложените пари преку заштеди и ќе имаат бесплатна енергија следните 25-30 години.
Во последно време во Европа се изградени огромни производни капацитети во фотонапонски фарми, коишто прилично ја урнаа цената во текот на сончевите часови, така што и таму просторот за профитирање е прилично стеснет, а во корист на домаќинствата коишто ќе добијат енергија по ниска дневна тарифа. Кога ќе ја подвлечеме цртата, испаѓа дека производството на електрична енергија од фотоволтаици најмногу е исплатливо кај фотонапонските фарми како бизнис, при целосна искористеност на капацитетите и при продажба на отворениот пазар (со сите ризици што ги носи), како и кај компаниите за сопствени потреби, а во многу помала мерка кај домаќинствата. Најнеповолен случај е производството во домашен систем заради продавање кон ЕВН, кога речиси не останува профит.