Рубрика: Информатика
Инстант превод на записи со клинесто писмо во англиски јазик со помош на вештачка интелигенција
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 06.07.2023 - 11:45

Таблет со фрагмент од епот на Гилгамеш пишан со акадско клинесто писмо.

Клинестото писмо е најстарата позната форма на пишување, но само неколку стотици експерти во светот можат да го дешифрираат. Сега, тим од израелски археолози и компјутерски научници разви програма за превод во стилот на Google Translate, што користи вештачка интелигенција за преведување на текстови напишани со староакадското клинесто писмо на англиски јазик. Резултатите се ветувачки, но програмата сè уште може да се подобри. Проектот претставува важен исчекор бидејќи со преведување на древните акадски текстови би можеле да откриеме досега непознати антички традиции.

Програмата се заснова на невронски машински превод, истиот што го користат Google Translate и другите преведувачки сервиси. Тој работи на тој начин што зборовите ги претвора во низи од броеви што потоа ги преведува на друг јазик со попрецизна синтаксичка конструкција.

За проценување на точноста на машинските преводи, постои алатка развиена уште во раните 2000-ти, наречена Best Bilingual Evaluation Understudy 4  (BLEU4). Новата програма развиена од истражувачите постигна оценка од 36,54 за преводот од клинесто писмо во англиски јазик превод, на скала од 0 до 100. Авторите укажуваат дека се работи за сосема солидна оценка за модел којшто сè уште се развива. Колки за споредба, Google Translate има оценка од околу 60 за преводот од шпански на англиски јазик.

Античка керамика со натписи со клинесто писмо изложена во музејот Пергам, Берлин (Германија). Дали овие наоди ќе може конечно да ги преведеме со вештачка интелигенција? 

Како и кај другите поразвиени преведувачки алатки, вештачката интелигенција се покажа како попрецизна при преведувањето на стереотипни текстови, како што се кралските декрети или гатања, кои следат прецизни формули, но има поголеми тешкотии со литературните и поетските текстови, како што се писмата и трактатите. Сепак, програмата дава подобри резултати од очекуваните, дури и ако сè уште е далеку од обезбедување на прецизни преводи.

Еден од најголемите предизвици е недостигот на материјал за обука на вештачката интелигенција. Имено, како што посочуваат авторите “ChatGPT работи толку добро бидејќи е обучен со содржина од целиот интернет“. Меѓутоа, во случај на клинесто писмо, најголемата база на податоци со акадски табли содржи едвај неколку десетици илјади записи.

Друга пречка е тоа што во текот на 3000 години од кога акадското клинесто писмо се употребувало, јазикот значително се променил – во некои случаи симболите целосно се менувале во рок од илјада години, не сметајќи ја разликата помеѓу дијалектите.

И покрај потешкотиите и недостатоците, без сомнение се работи за проект од големо значење, бидејќи досега за преведување од клинестото писмо беше потребно многу време и употреба на експерти способни да го транслитерираат записот најнапред на латински, а потоа и на англиски јазик.

Акадското клинесто писмо е пишан остаток од јазикот на кој се пишувало и говорело во Месопотамија и на Блискиот Исток во периодот од 3000 година п.н.е. до 100 година н.е. Тој бил своевиден есперанто од антиката, и им овозможувал на луѓето од различни региони да комуницираат едни со други. Околу 2000 години п.н.е. јазикот се поделил на асирски акадски и вавилонски акадски, додека од 600 година п.н.е. започнал да се заменува со арамејски, сè дури конечно не исчезнал.

Клучни зборови:
Таблет со фрагмент од епот на Гилгамеш пишан со акадско клинесто писмо.

Таблет со фрагмент од епот на Гилгамеш пишан со акадско клинесто писмо.

Античка керамика со натписи со клинесто писмо изложена во музејот Пергам, Берлин (Германија). Дали овие наоди ќе може конечно да ги преведеме со вештачка интелигенција?

Античка керамика со натписи со клинесто писмо изложена во музејот Пергам, Берлин (Германија). Дали овие наоди ќе може конечно да ги преведеме со вештачка интелигенција?