Мисијата на ЕСА, Евклид само што не започнала. Вселенскиот телескоп ќе бара показатели што треба да им помогнат на астрономите да ја разберат мистеријата на темната материја. Телескопот беше лансиран денес, 1 јули, во 17 часот и 11 минути по македонско време, од американската база во Кејп Канаверал, Флорида. Вселенскиот телескоп Евклид го носи ракетата Фалкон 9 на SpaceX, во капсула која го одржува „безбеден и чист“.
Мисијата Евклид на ЕСА има за цел да ја извади темната страна на Универзумот на виделина. Имено, астрономите веруваат дека – врз основа на начинот на кој галаксиите ротираат и орбитираат една околу друга, како и поради начинот на којшто Универзумот се шири – два невидени ентитета доминираат во составот на нашиот космос – темната материја и темната енергија. Досега не успеавме директно да откриеме ниту еден од нив, но сепак можеме да го претпоставиме нивното присуство врз основа на ефектите што тие ги имаат врз Универзумот воопшто.
Благодарение на Евклид – кој е висок 4,7 метри и има пречник од 3,7 метри – ќе биде можно да се создаде 3Д мапа на Универзумот, при што третата димензија ќе го претставува самото време. Да потсетиме, колку е подалеку една галаксија, толку подолго ѝ било потребно на нејзината светлина да пристигне до нас и со нејзино детектирање ќе ја видиме толку подалеку во космичката историја. Набљудувајќи милијарди галаксии на растојание од 10 милијарди светлосни години, научниците ќе можат да ја следат позицијата и брзината на галаксиите на огромни растојанија и во поголемиот дел од космичката историја, следејќи како Универзумот се проширил во текот на овој период. Извонредната оптика на Евклид ќе биде во можност да открие и суптилни нарушувања во изгледот на галаксиите. Телескопот и инструментите на Евклид се исклучително чувствителни и мора да се чуваат многу чисти. За да се заштитат од деградација за време на лансирањето, за ова се користеше сосема нов тип на заштита.
Од добиената маса на нови податоци, астрономите очекуваат дека ќе можат да ги заклучат својствата на темната енергија и темната материја попрецизно од кога било досега. Ова ќе им помогне на теоретичарите да ја утврдат природата на овие мистериозни компоненти и да развијат префинето разбирање за однесувањето на гравитацијата на најголемите растојанија.