Австралија ќе стане првата земја во светот која ќе им дозволи на лекарите како лек да препишуваат псилоцибин и MDMA, две нелегални супстанции, што покажале ветувачки резултати во лекувањето на некои психијатриски нарушувања. Одлуката, која ќе стапи на сила на 1 јули, беше поздравена од некои застапници на психоделичната терапија, но исто така предизвика загриженост кај научниците и лекарите кои велат дека доказите за безбедноста и ефикасноста на овие лекови се сè уште неубедливи. Потсетување псилоцибиот е екстракт од т.н. магични печурки, познати како психоделична дрога, додека MDMA е дрога што е многу попозната под името екстази.
Администрацијата за терапевтски производи (TGA), австралиската регулаторна комисија за одобрување на лекови, вели дека следела ригорозен и обемен процес пред да даде одобрение за овој потег што го побарала непрофитната група наречена Mind Medicine Australia. Групата тврди дека кога се комбинираат со психотерапија, психоделичните лекови можат да им помогнат на луѓето со состојби како депресија, посттрауматско стресно нарушување (ПТСН), анксиозност и зависност.
Сепак, некои истражувачи велат дека сè уште има многу неодговорени прашања за тоа како функционираат овие лекови, кој може да има корист од нив и каква психотерапија е потребна. Тие се загрижени и дека регулативата која ќе го регулира препишувањето на овие лекови е недоволна и дека постои ризик од злоупотреба или штета.
Според одлуката на TGA, само одобрените психијатри ќе можат да препишуваат псилоцибин и MDMA според Шемата за овластени препишувачи, која дозволува пристап до лекови кои сè уште не се регистрирани во Австралија. За да стане овластен препишувач, психијатарот мора прво да добие одобрение од етичкиот комитет за истражување на луѓе (HREC), кој ги оценува апликациите за клинички испитувања.
Сепак, некои критичари велат дека оваа шема не е дизајнирана за регулирање на лекови кои имаат сложени и потенцијално опасни ефекти врз мозокот. Тие, исто така, посочуваат дека TGA не го специфицира или надгледува клиничкото опкружување или психотерапевтската поддршка што треба да ја придружува употребата на овие лекови.
Од другата страна од TGA велат дека не е нивна работа да ја регулираат клиничката пракса и дека останува на психијатрите и на HREC да се погрижат дека лековите ќе бидат користени соодветно и етички. Исто така, од TGA додаваат и дека ќе ги следат исходите и негативните настани од рецептите и дека ќе ја разгледаат нивната одлука по две години.
Одобрувањето на псилоцибин и MDMA во Австралија за легална употреба како лекови доаѓа во моменти кога и други земји исто така го истражуваат потенцијалот на психоделичните дроги за ментално здравје. Во САД, Канада и Израел, овие дроги се дозволени во исклучителни слчаи – за сочувствителна употреба или во клинички испитувања, но не и како редовни лекови.
Извор Nature