Најголемата германска издавачка куќа Аксел Спрингер, која меѓу другото го издава и таблоидот Билд, најави масовни отпуштања и делумна замена на отпуштените работници со вештачка интелигенција, пренесуваат германските медиуми. „Ќе мораме да се збогуваме со колегите кои досега ги извршуваа функциите што во дигиталниот свет ги извршуваат процесите на вештачка интелигенција“, се вели во интерниот мејл испратен од менаџментот до вработените.
Во редакцијата, многу од работните места поврзани со лекторирање или со визуелниот дизајн на страниците може да се укинат. Како што јави германската новинска агенција dpa, засега се планира отпуштање на повеќе од 200 вработени. Раководството на Аксел Спрингер објави дека за работниците кои би останале без работа целта е да добијат „социјално згрижување”.
Отпуштањата и зголемената употреба на вештачката интелигенција се поврзани со стратегијата за целосно свртување кон дигиталното издание на дневните весници како Bild или Die Welt и укинување на печатените изданија. Од мерките за штедење се погодени и подрачните канцеларии на издавачката куќа.
Со околу 1,1 милион печатени примероци, Билд е сè уште најтиражниот германски дневен весник. Но, во последните години тиражот е во постојан пад. Билд во 2013 година продаваше двојно повеќе печатени примероци отколку што тоа го прави денес.
Кон крајот на 2021 година Билд го отпушти својот главен уредник Џулијан Рајхелт поради обвинувања за злоупотреба на моќта и сексуално вознемирување на колешките, а правната битка со поранешниот уредник сè уште е во тек.