Рубрика: Метеорологија
Од каде облаци со боја на виножито?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 20.06.2023 - 12:30

Облаците со боја на виножито се колку спектакуларен, толку и природен феномен. Тие се формираат поради ледените кристали што лебдат во облаците, слично како и кај ѕуницата. Имено облакот со боја на виножито е висок, студен облак составен од многу ситни ледени кристали, што овозможуваат, благодарение на феноменот на рефракција и рефлексија, разбивање на сончевата светлина на нејзините составни бои. Оптичкиот процес е сличен на оној што ја овозможува појавата на ѕуница.

Што точно се случува? Како што споменавме, сончевата светлина поминува низ мошне ситни кристали кои се однесуваат како голем број на оптички призми. Притоа сите бранови должини на светлината, кои обединети заедно се појавуваат како бела светлина, се “разложуваат” во лепеза различни бои, од виолетова до црвена. Колку бои, точно? Иако од прва одговорот се чини едноставен, работите тука се малку покомпликувани отколку што изгледа.

Во минатото Аристотел, кој е еден од првите научници што ги проучувале виножитата, во книгата III од неговата Метеорологија, зборува за само три бои: црвена, зелена и сина. Данте Алигиери, од друга страна, остана на ставот дека всушност има седум бои. Имено, во третиот дел од неговата “Божествена комедија”, во “Чистилиштето” (стихови 75-78)  тој пишува „...останува различно од седумте листи, сите во оние бои што Сончевиот лак, а на Делија појасот го чинат“. Од друга страна, раните исламски научници, слично како и Аристотел, гледале тробојно виножито, но во малку поразличен состав – со  црвена, зелена и жолта боја. Во ренесансата било утврдено дека виножитото има 4 бои (црвена, сина, зелена и жолта), додека во 17 век се претпоставувало дека има пет – црвена, жолта, зелена, сина и виолетова.

Исак Њутн, со неговите експерименти ги убедил европските научници дека има 7 бои, па боите биле поврзувани со музичките ноти. Но, всушност и не постои прецизен број на бои во виножитото. Секоја нијанса беспрекорно се вклопува во следната. Така некои научници сметаат дека нашиот мозок го дели спектарот на различни појаси, затоа што во природата на луѓето е да тежнееме „подредиме“ сè, па вклучително и боите на виножитото. ;)

Клучни зборови: