Рубрика: Информатика
Apple официјално најави визир за виртуелна реалност
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 14.06.2023 - 12:00

По повеќегодишни најави, Apple конечно и навистина го претстави својот визир на виртуелна реалност. Настанот се случи за време на последната WorldWide Developers Conference (WWDC) одржана оваа година – во рамки на која беше прокаќан AR/VR визирот (визир за подобрена реалност и виртуелна реалност) наречен Vision Pro. Значи не Reality Pro, како што навестуваа гласините. Друга грешка што се провлече во најавите од “инсајдери” беше името на оперативниот систем, кој се нарекува VisionOS, а не xrOS. Но, настрана од овие детали, многу технички гласини што протекоа на мрежата се потврдени со презентацијата на овој „скапоцен камен“, ако можеме така да го наречеме, со оглед на цената... smiley

Па, нормално, затоа што Apple Vision Pro ќе чини добри зашеметувачки 3499 долари или ако повеќе милувате во евра – 3270... според сегашните девизни курсеви! Цифрата избезуми многумина инсајдери, но и неексперти, и предизвикува мноштво дискусии по социјалните платформи. Имено, еден визир за виртуелна реалност од средна ниска класа на пазарот се наоѓа за некаде од 200 до 450 евра, додека моделите од високата класа што во моментов се достапни на пазарот чинат од 1500 до 1700 евра.

Но, вообичаено за Епл, нивниот визир е опишан како уред кој е супериорен во однос на кој било друг моментално достапен AR или VR визир – тој е тенок, лесен и, според впечатоците на оние што го пробале, понудил извонредно визуелно и длабинско искуство. Сепак, има и такви кои забележуваат дека сè уште има некои основни недостатоци. Според она што го објави The Verge, за време на демонстрацијата се појавиле зелени и виолетови ленти околу рабовите на леќите, но не е јасно дали тие се должат на брзата (а со тоа и неточна) подготовка на уредот или/и  на неговата „демонстративна“ природа.

Аспектот што беше најмногу ценет беше passthrough video (пропусно видео), односно можноста за гледање на околината без да се отстрани визирот, преку дисплејот кој станува речиси магично проѕирен, што овозможува уредот да функционира дури и во режим на „подобрена реалност“. Времето на латентност, односно доцнењето помеѓу операциите што се вршат и нивното прикажување на екранот, би изгледало многу мало.

Благодарение на сензорите кои ги следат движењата на рацете на личноста што го носи визирот, овозможнено е рацете да се користат како покажувач, да се „допираат“ иконите, да се поместуваат објекти, да се отвораат програми како Safari, Photos, Freeform и FaceTime. Доволно е само да „покажете“ кон нив и да ги одберете со допирање на палецот и показалецот. Со ова Apple Visual Pro станува повеќе од „едноставен“ визир – тој е миникомпјутер, своевиден паметен телефон што го носите пред вашите очи.

Интерфејсот на програмите е различен од тоа како тие се прикажуваат на iPhone и сл. На FaceTime, на пример, се појавува 3D фигура генерирана од вештачка интелигенција со скенирање на лицето, иако овој аспект сè уште се чини дека не е усовршен. Следењето на очите е оценето како забележливо од оние кои го пробале визирот, односно гледачот може да го прилагоди виртуелното искуство врз основа на положбата и фокусот на очите на корисникот.

И покрај овие импресивни визуелни и интерактивни искуства, прашањето за цената сè уште останува, благо речено, надвор од дофат на добар дел од обичната раја. Вистина е дека Vision Pro претставува значаен чекор напред на полето на мешаната реалност, но останува да се види дали и како ќе може да се интегрира во секојдневниот живот на луѓето и како ќе еволуира со текот на времето, односно дали ќе премине во „обичен“ но обавезен објект, како сегашниот паметен телефон, или ќе остане заглавен во улогата на скапа играчка наменета само за оние кои можат да си ја дозволат. Едно е сигурно: ќе потрае дoдека да видиме некого како го носи овој визир наоколу во живо, бидејќи Apple најави дека уредот треба да се најде на пазарот од почетокот на 2024 година и тоа првично само на американскиот пазар. Но, ова iзначи дека имате и доста време да заштедите по некој денар, овај долар до тогаш... :)

Клучни зборови: