Најголемиот кинески производител на нафта започна со дупчење во земјината кора во басенот на реката Тарим во западна Кина, а “бушотината” се очекува да достигне длабочина од 10 километри. Која е целта на овој подвиг? Па причините се делумно економски, а делумно научни...
Според кинеската државна новинска агенција Ксинхуа, кинеската национална нафтена корпорација започна со дупчење на бунарот на 30 мај оваа година. Во извештајот се наведува дека вистинската цел е да се достигне длабочина од 11 100 метри. Но, како што споменавме, и достигнувањето на длабочина од 10 километри веќе би било голем подвиг.
Оваа фотографија направена од воздух, на 30 мај 2023 година, го прикажува проектот за дупчење на бушотина длабока преку 10 000 метри. Според кинеската новинска агенција, дупнатината се прави меѓу другото и со цел за научни истражувања во автономниот регион Ксинџијанг Ујгур во северозападна Кина.
Доколку се постигне целта, оваа дупнатина ќе биде една од најдлабоките издупчени од човек и би можела да им обезбеди на истражувачите важни нови геолошки информации, како и пристап до ултрадлабоки резерви на нафта, се разбира ако воопшто постојат.
Дупчењето кое во моментов го држи рекордот за максимална постигната длабочина е Колската ултрадлабока бушотина, која достигна длабочина од 12 262 метри. Дупнатината е направена во северозападна Русија а целиот процес на дупчење траеше околу 20 години. Дизајнерите на кинеската нова дупнатина, наречена Project Deep Earth 1-Yuejin 3-3XC Well, пак очекуваат да ја постигнат својата цел во рекордно време. Имено, планирано е посакуваната максимална длабочина да бие постигната по „само“ 457 дена, каде би требало да најдат карпи формирани во време на периодот креда, пред помеѓу 66 и 145 милиони години.
Лево: Моменталниот рекорд за најдлабока дупнатина го држи Колската ултрадлабока бушотина во Русија. Дупнатината беше запечатена во 2012 година по постигнување на длабочина од 12 262 метри. Десно: Поштенска марка издадена од поштата на СССР во 1987 година на која е прикажана тогаш сѐ уште функционалната бушотина во Кола
Во говорот одржан во 2021 година, кинескиот претседател Си Џинпинг го дефинираше проектот Длабока Земја како една од четирите стратешки граници за научната заедница на земјата. Во тоа време, Јиганг Су од Кинеската академија на науките рече дека новиот фокус на длабоките геолошки истражувања бил и е воден првенствено од потребата Кина да ја намали својата зависност од увезените минерали, метали, нафта и гас.
Басенот Тарим во Ксинџијанг содржи некои од најголемите и најдлабоките нафтени полиња во Кина и не е случајно што нафтените компании дупчат и други ултрадлабоки бушотини во други делови од регионот. Тука се наоѓа и нафтеното и гасното поле Шунбеи, каде што веќе се ископани 49 бунари длабоки над 8000 метри.
Инженер ја проверува работата на машината за дупчење на проектот за правење на бушотина длабока над 10 000 метри во автономниот регион Ксинџијанг Ујгур во северозападна Кина, на 30 мај 2023 година.
„Повеќе личи на проект за индустриско дупчење нафта отколку на научен проект за дупчење“, забележува Едвард Собел од Универзитетот во Потсдам во Германија. „Истражувачките бушотини обично имаат тенденција да избегнуваат наоѓање нафта и гас, за да се дојде до екстремно чисти примероци од карпи”.
Но, проектот за дупчење сепак би можел да им понуди на истражувачите увид во уникатната геологија на басенот Тарим, доколку дупчењето вклучува собирање неизменети примероци од јадрото и вршење на геофизички мерења. Конечно, Собел вели дека самиот слив е стар преку милијарда години, со стабилна основа покриена со стотици милиони години талог и ова би можело да биде мошне интересна геолошка книга ако се чита во сите научни облици.