Утре, на 24 мај 2023 година, во 21 часот и 16 минути по македонско време, Земјата треба да прими сигнал што доаѓа од вселената и кој ќе содржи шифрирана порака која сите сме повикани да ја протолкуваме. За што станува збор? Шифрираниот сигнал, всушност, го испраќа една од сондите околу Марс, а треба да симулира пристигнување на порака од некоја вонземска цивилизација наменета за човештвото.
Настанот се одвива во рамките на проектот „A Sign in Space“, спроведен од група меѓународни експерти, а во кој се вклучени една од сондите што се наоѓаат во орбитата на Марс – орбитерот ExoMars Trace Gas Orbiter на Европската вселенска агенција како и три телескопи. Проектот се обидува да даде одговор на прашањето “Како би реагирало човештвото ако до нас пристигне сигнал од вонземска цивилизација?“.
Радиотелескопот на Медичина во Болоња
Во 21 часот по македонско време, сондата ExoMars ќе емитува шифрирана порака до Земјата, симулирајќи прием на сигнал испратен од интелигентна вонземска цивилизација до човештвото.
Пораката ќе биде примена 16 минути подоцна, колку што изнесува времето потребно да се “премости” тековното растојание помеѓу Марс и Земјата. Пораката во Европа треба да ја регистрира радиотелескопот на Медичина во Болоња, опремен со чинија со пречник од 32 метра, а со којшто управува Италијанскиот национален институт за астрофизика (INAF). Освен овој телескоп на американско тло пораката треба да ја регистрираат и радиотелескопската низа Ален на Институтот СЕТИ во Калифорнија, и радиотелескопот Роберт Ц. Бирд (Robert C. Byrd Green Bank Telescope ), дел од опсерваторијата Грин Банк во Западна Вирџинија. Содржината на пораката, во чиешто составување биле вклучена интердисциплинарна група истражувачи, во моментов сѐ уште се чува во тајност.
Која ќе биде нашата глобална задача? Веднаш по регистрирањето на овој сигнал ќе треба да се обидеме да ја декодираме пораката и да протолкуваме што точно содржи таа. Со други зборови, потребно е да се спроведе активноста поради која беше создаден СЕТИ – потрага и анализа на евентуалните сигнали од вонземски цивилизации.
Радиотелескопот Роберт Ц. Бирд, дел од опсерваторијата Грин Банкс во Западна Вирџинија, САД
Која е поентата на оваа глобална „вежба”? Како што објаснуваат научниците „во текот на историјата, човештвото бараше значење во моќните и трансформативните феномени. Добивањето порака од вонземска цивилизација би било длабоко трансформативно искуство за целото човештво. Проектот „Знак од вселената“ нуди уникатна можност за опипливо искуство и подготовка за едно ваквосценарио преку глобална соработка, поттикнувајќи потрага по значење без одредени рокови, вклучувајќи ги сите култури и дисциплини“.
Секој кој ќе посака да го следи и да учествува во настанот тоа ќе може да го стори преку https://asignin.space/the-message/, а веднаш по емитувањето на пораката ќе може да ги преземе податоците и да се обиде да ја декодира и да ја протолкува содржината од неа.