Рубрика: Астрономија и астронаутика
Патување до работ на вселената и назад за “багателна” цена
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 19.05.2023 - 17:15

Space Perspective, компанија со седиште во Флорида, нуди неверојатно искуство да патувате до работ на вселената и, се разбира, безбедно да се вратите назад. “Веќе видено”, ќе кажете. Па добро, вселенскиот туризам и не е некоја особена новост, се согласуваме. Но, она што оваа компанија ја издвојува од другите е начинот на којшто го реализира патувањето од оваа понуда – без ракета и млазни мотори!

Наместо ракета, Space Perspective користат нешто што го нарекуваат SpaceBalloon. Балонот за пат до вселената може, условно кажано, да се „лансира“ и од копно и од море, од каде ве носи до висина на која ќе бидете „над 99% од атмосферата на Земјата“, како што е стои на веб-страницата на компанијата, а потоа безбедно ќе се спуштите во океанот. Целиот процес на искачување и спуштање трае шест часа, сосема доволно за какво и да е уживање.

Токму затоа и не чуди најновата понуда Space Perspective. Имено, со оглед на должината на летот компанијата нуди можност за организирање на венчавка во кабината, од каде младенците и неколкуте избрани гости би уживале во неверојатниот поглед на Земјата “како на дланка”. Притоа, патниците сместени во Space Lounge делот, освен во погледот би уживале и во голем број други погодности како пијалоци, удобни столчиња и Wi-Fi преку кој ќе може на јутјуб/ фејсбук/ твитер/ инстаграм/ тик-ток/(и каде сѐ не) во живо да ја пренесуваат свадбената церемонија од работ на вселената.

Сепак, едно големо ограничување кое паровите треба да го земат предвид е бројот на луѓе што може да се смести Space Lounge. Во својот оригинален распоред, во капсулата може да се сместат сѐ на сѐ девет луѓе, тука вклучувајќи го и пилотот. Ако е за утеха, веб-страницата на компанијата вели дека ентериерот може да претрпи промена за потребите на специјални настани, какви што се и венчавките.

Е, сега доаѓаме до клучниот момент: колку ќе ве чини изговарањето на судбоносното да на работ на вселената? Иако некој можеби ќе се пошегува дека цел живот ќе плаќа за таа одлука, тука сепак мислиме на материјалните трошоци, а не на духовното бреме наметнато од нечиј дискутабилен избор wink Па така, веб-страницата на Space Perspective наведува дека изнајмувањето на капсулата чини 125 000 американски долари по седиште, но претпоставуваме дека цената може да се искачи повисоко ако капсулата биде изнајмена за специјален свадбен лет. Ако понудата ви фати око, тогаш секако посетете ја страницата на Space Perspective (тука) каде може да направите резервација за обичен или свадбен лет, по ваш избор smiley

Клучни зборови: