Петмина македонски илустратори ќе им се придружат на реномираните колеги – мултимедијални уметници од Хрватска, на петтото издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца ЛИТЕРА 2023 што ќе се одржи од 23 до 27 мај во Музејот на град Скопје. Тоа се дипломираните академски уметници Александар Иванов, Викторија Егорова, Гоце Илиевски, Калиопи Трпчева и Сања Симоска. Нивните дела создадени на темата „Свет со љубов“ кое е годинашното мото на фестивалот ќе бидат дел од изложбата на ЛИТЕРА 2023, а ќе видат изложени заедно со делата на Доминик Вуковиќ, Николина Манојловиќ Врачар и Бранка Холингсворт Нара, големи имиња на хрватската илустрација.
Домашните илустратори беа избрани на конкурс што фестивалот го распиша кон средината на март. На повикот се пријавија 30 автори. Тимот на ЛИТЕРА 2023 составен од ликовни уметници, академски графичари, графички дизајнери, историчари на уметност и новинари темелно ги разгледа сите пристигнати автори. Фестивалот ќе откупи најмалку по едно дело од петтемина избрани уметници.
"Особено ни е важно да ги поддржиме македонските професионални илустратори, а откупот е вистинската форма како да го сториме тоа. Нè радува интересот на младите илустратори кои учествуваа на конкурсот. Тоа е знак дека постои интерес за илустрацијата, но треба да им се даде вистинско место на авторите", – велат од тимот на „Литера“.
Покрај излагањето на нивните дела во рамките на ЛИТЕРА 2023, македонските уметници активно ќе учествуваат на фестивалот и ќе творат во живо во Музејот на град Скопје. Наесен тие ќе бидат претставени на изложбата „Македонска современа илустрација“ во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, Хрватска.
Александар Иванов (1978, Штип) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на одделот за сликарство. Се занимава со сликарство, фрескопис, иконопис, мозаик, илустрација. Учествувал на повеќе групни изложби, ликовни колонии, работилници. Наставник е по ликовна уметност.
Викторија Егорова (1982, Краснодар, Русија) е стручен ликовен уметник, академски сликар, илустратор, педагог, доктор по психолошки науки. Дипломирала на Московскиот државен академски уметнички институт „В.И. Суриков“, оддел – класично сликарство. Докторирала на програмата „Педагогија и психологија“ на Кубанскиот државен универзитет во родниот Краснодар. Од 2012 година живее и работи во нашата земја.
Гоце Илиевски е уметник од Скопје, кој твори во областа на традиционалните, современите и дигиталните форми на уметност. Завршил на ФЛУ, отсек сликарство во 2010 година. Реализирал 15 самостојни и учествувал во многу групни изложби, повеќе резиденции, симпозиуми, работилници за уметност. Работи како сликар и аниматор.
Калиопи Трпчева дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, насока сликарство. Од 2010 година активно се занимава со илустрации на детски книги. Некои од нив се Сказни од Браќата Грим, Рибарот и рипката, Басни од Езоп, Биди среќна ѕвездичка и други. Нејзини авторски дела се „Радосница“ (боенка) и сликовницата „Шила“.
Сања Симоска е млада визуелна уметница (1992, Скопје). Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2016 година на отсекот за графика. По дипломирањето се фокусира на комбинирање на различни техники како што се колаж и рачни и дигитални илустрации. Денес, голем дел од своето време го посветува на творење детски илустрации.
Повеќе за програмата на фестивалот на https://literafestival.com и https://www.facebook.com/Litera.mk