Стрес, прекумерна тежина, несоница... Едно шведско истражување за квалитетот на живот на луѓето што секојдневно патуваат до нивното работно место покажа дека менталното и физичкото здравје зависи и од должината на ова секојдневно сообраќање.
Размислувате за промена на работата или за преселување? Внимавајте на растојанието што ќе треба секојдневно да го поминувате за да стигнете до вашето работно место, бидејќи седечката работa не е единствената што предизвикува здравствени проблеми, туку и онаа што нè принудува да поминуваме повеќе време во пат додека да стасаме до неа. Ова го покажа една шведска студија која ја истражуваше корелацијата помеѓу оддалеченоста на работното место од домот и начинот на живот. Резултати? Колку повеќе се зголемува растојанието од домот до работното место, толку повеќе се зголемува ризикот од прекумерна тежина, стрес и лошо спиење.
Истражувањето ги разгледувало ефектите што патувањето до работното место ги има врз здравјето користејќи ги податоците од Шведското лонгитудинално истражување за здравјето собрани во периодот помеѓу 2012 и 2018 година. Истражувачите ги прегледале одговорите од околу 13 000 мажи и жени на возраст од 16 до 64 години во врска со низа теми – начин на живот (дали често вежбале, пиеле, пушеле), видот на работата и дали таа била исцрпувачка, дали страдале од хронични болести, стрес и депресија.
Истражувањето покажало дека кога растојанието помеѓу домот и работнотно место надминувало три километри, луѓето имале проблеми со прекумерна тежина, биле под стрес и страдале од недостаток на сон. Притоа на многу поголем здравствен ризик биле изложени оние кои работеле повеќе од 40 часа и патувале повеќе од пет часа неделно споредено со оние кои патувале од еден до пет часа неделно.
Причината за ова била идентификувана во недостатокот на спортска активност. Всушност, работниците кои патувале помалку од три километри до нивното работно место биле физички поактивни, затоа што пократкото растојание до нивното работно место веројатно ги мотивирало претежно да пешачат или да возат велосипед до таму, а пократкото патување веројатно им давало и повеќе слободно време кое можеле да го искористат за практикување на некој вид спорт.
Сума сумарум, ако планирате да се селите подалеку од вашето работното место, земете ги предвид и километрите и времето поминато во секојдневно патување. И користете повеќе велосипед како превозно средство – тој нуди еколошки, економичен и здрав начин на движење.