Не, не, Робокоп нема да почне да работи во њујоршката полиција. Но,... Градските власти на Њујорк објавија дека го враќаат полициското куче-робот во функција, две и пол години по првото претставување по кое граѓаните го нарекоа нивниот потег морничав. Освен кучето-робот, полицајците во Њујорк ќе имаат на располагање уште два високотехнолошки уреди што ќе им помагаат во работата: GPS за украдени возила и безбедносен робот.
Првото полициско куче-робот во Њујорк беше претставено во 2020 година, но договорот бил раскинат откако граѓаните изјавиле дека кучето е морничаво. Но, сегашниот градоначалник на оваа светска метропола, Ерик Адамс, изјавил дека за разлика од неговиот претходник, Бил де Блазио, тој „нема да подлегне на притисокот против роботите“.
Кучето-робот го доби името Дигидог (Digidog), а од вчера тоа ќе биде редовен член на полицискиот тим.
„Неколку гласни луѓе се спротивставија на ова, а потоа се направи чекор наназад. Јас не функционирам така. Јас гледам напред, за доброто на градот“,вели Адамс.
Тој рече дека Дигидог, кој тежи 32 килограми и се управува со помош на далечински управувач, ќе се користи во ризични ситуации, како што се заложнички кризи и слично. Digidog ќе почне да се употребува од ова лето.
„Ако имате опколен осомничен, ако имате вооружен маж во зграда, наместо да испратите полицаец, ќе го испратите Дигидог. Тоа е паметен начин да се користи технологијата“, изјавил Адамс.
Полицијата го воведе и системот за следење StarChase, кој ќе овозможи украденото возило да се означи со GPS уред и на тој начин да се следи неговото движење. Станува збор за пилот програма, која ќе трае 90 дена.
Автономниот безбедносен робот ќе биде инсталиран на станицата за метро на Тајмс Сквер. Како што соопшти њујоршката полиција, се работи за пилот проект, кој ќе трае седум месеци. Како што се наведува во соопштението, овој робот кој со години се користи во трговските центри, на почетокот ќе има „човечки придружник“.