Технологијата за скенирање на дланката или плаќање без каса е инсталирана во повеќе од 200 објекти на компанијата Amazon.com и на други малопродажни синџири, изјави потпретседателот на оваа компанија, Дилип Кумар. Со ова, како што посочи тој гигантот за е-трговија “ја проширува употребата на својата бесконтактна технологија за нивните клиенти.”
Амазон одби да ги открие точните бројки, но како што пишува Ројтерс, во јуни 2022 година компанијата соопштила дека технологијата се користи на 69 локации во САД и Велика Британија.
Во меѓувреме, компанијата склучи и нови зделки. Американскиот ланец кафулиња Paner Bread на сите свои локации во Сент Луис воведе Amazon One уреди, кои им овозможуваат на клиентите да ги платат своите нарачки со скенирање на дланките. Како што открил Кумар, вакви уреди ќе бидат инсталирани во 10 или 20 кафулиња на Панер во наредните месеци.
Според двете компании, купувањата со скенирање на дланка ќе му овозможат на Панер да воведе сметки за награди и преглед на историјата на нарачки за посетителите на нивните ресторани.
“Проширувањата ја одразуваат побарувачката за бесконтактната технологија на Амазон и покрај макроекономските околности”, изјавил Кумар. Досега се забележани повеќе од 50 инсталации на вакви уреди кај независни трговци на мало, стадиони и универзитетски клиенти, додека остатокот од уредите се инсталирани во Whole Foods и други продавници на Амазон.
Развојот на оваа технологија ја натера компанијата за е-трговија да укине дополнителни 9000 работни места, со што почнувајќи од ноември гигантот регистрира повеќе од 27 000 отпуштања. Според плановите на Амазон, ќе бидат укинати и некои работни места во одделот за веб-услуги на Amazon (AWS), во секторот за компјутери во облак каде што работи и самиот Кумар.
Тој рече дека отпуштањата укажуваат на „нема промена во стратегијата“ за AWS, која на клиентите им нуди технологија за малопродажба и други деловни апликации. Тој очекува дека овој дел од бизнисот нема да биде засегнат од сегашните економски турбуленции.