Средното општинско стручно училиште „Илинден“ во населбата Илинден опреми уште еден нов кабинет за потребите на учениците по предметот програмирање, уредување на веб страни, автоматика, мултимедија, како и за потребите на останатите стручни предмети.
Од Општина Илинден информираат дека се набавени 28 мини десктоп компјутери со i5 процесор, и се разбира, подеднаков број монитори, тастатури и компјутерски глувчиња. Сите компјутери се со лиценциран софтвер – Windows 11 Professional.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, при посетата на средното училиште истакна дека локалната самоуправа континуирано работи на обезбедување квалитетни услови во образованието и успешно реализирање на образовниот процес, затоа што инвестирањето во образованието е една од најзначајните области за развој на општина Илинден.
Користењето на новата информатичка опрема, како што е наведено во соопштението, ќе овозможи поуспешно реализирање на образовниот процес преку примена на нова и напредна информатичка техника и технологија, а учениците ќе можат да ги продлабочат и прошират своите знаења, вештини и умеења во струките електротехничар за компјутерска техника и автоматика и електротехничар за електроника и телекомуникации.