Рубрика: Геологија
Забележана мрсна течност што извира од дното на океанот
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 28.04.2023 - 12:00

Дупката во морското дно именувана како Оазата на Питија, во близина на брегот на Орегон, од каде извира мистериозната мрсна течност.

На оддалеченост од околу 80 километри од Њупорт, крајбрежен град во Орегон (САД), во водите на Тихиот Океан, група научници откри чуден извор на длабочина од еден километар. Имено, од пукнатина на морското дно блика млаз топла и мрсна течност чијшто хемиски состав е мошне различен од околните води.

Станува збор за досега незабележан феномен, кој според тимот што го проучувал, би можел да се поврзе со движењето на плочите, при што би добиле индикации за локалната сеизмичка активност. Наодите во врска со оваа структура, која беше наречена Оазата на Питија (Pythia's Oasis), беа објавени неодамна во научното списание Science Advances, а Универзитетот во Вашингтон објави и кратко видео од откритието.

Откритието било речиси случајно – тимот забележал мистериозни воздушни меури кои стигнале до површината, по што одлучиле најнапред со сонар да го истражат морското дно. Откако била откриена пукнатината се преминало кон анализа на водата што излегува од неа, а која е опишана како „млаз од хидрант“.

Дупката во морското дно именувана како Оазата на Питија, во близина на брегот на Орегон, од каде извира мистериозната мрсна течност. Научниците се обидуваат да откријат зошто. фото: Универзитет во Вашингтон/Јутјуб

Откриено е дека хемискиот состав на оваа течност е различен од оној на океанските води – течноста е побогата со бор и литиум, но е сиромашна со хлор, калиум и магнезиум. Понатаму, водата што „извира“ од Оазата на Питија е за околу 9°C потопла од околната вода, што укажува на тоа дека потекнува од долниот дел на расед, односно од зоната каде што се спојуваат две тектонски плочи, односно местото каде едната плоча ја “јавнува”другата, при што се создаваат и потенцијални сеизмички феномени.

Посебниот состав на водата што доаѓа „одоздола“ се претпоставува дека можеби делува како своевидно подмачкување помеѓу двете дефекти, што го намалува отпорот при поместувањето. Тоа што течноста во големи количини истекува од морското дно може, според авторите на студијата, да биде загрижувачки знак за потенцијално зголемување на локалната сеизмичка активност.

Во отсуство на лубрикантот, од друга страна, напнатоста во раседот би се зголемила, што може да се манифестира како земјотрес. Засега овие размислувања претставуваат само работни хипотези, но доколку се потврдат тие би можеле да дадат корисни насоки во иднина во поглед на следењето и спречувањето на земјотресите.

Клучни зборови:
Дупката во морското дно именувана како Оазата на Питија, во близина на брегот на Орегон, од каде извира мистериозната мрсна течност.

Дупката во морското дно именувана како Оазата на Питија, во близина на брегот на Орегон, од каде извира мистериозната мрсна течност. Научниците се обидуваат да откријат зошто. фото: Универзитет во Вашингтон/Јутјуб