Освежувањето што доаѓа од компанијата зад Tiktok стана исклучително популарно во последните недели. Бројот на корисници на апликацијата Lemon8 расте од ден на ден, додека сѐ почесто се слуша прашањето – дали се работи за потенцијална замена за Tiktok, во случај на целосна забрана, или пристигна уште една „задолжителна“ апликација?
Платформата е во сопственост на ByteDance, матичната компанија на Tiktok, лансирана во Јапонија во 2020 година. Нејзините пет минути почнаа да отчукуваат кога започна да се зборува за делумна или целосна забрана на Тикток, па на почетокот на април Lemon8 регистрираше 650 000 преземања само во САД. Од нејзиното лансирање до април, апликацијата достигна вкупно 17 милиони преземања ширум светот. Овој раст продолжува и покрај ограничувањата со кои се соочува сестринската апликација Тикток.
Апликацијата Lemon8, чие име е комбинација од зборот лимон и бројот осум што на англиски звучи како ‘лимонада’ (lemonade), полека се пробива во Велика Британија, каде што пристигна во февруари.
Lemon8 се опишува како вкрстување помеѓу Instagram и Pinterest и „место за младите креативци да споделуваат разновидна содржина“, со фокус на производите и истакнување на содржината од одредени категории на производи, вклучувајќи мода, шминка, храна и патувања. Објавените фотографии со истакнат пропратен текст оставаат впечаток на насловна страница на списание или визуелно решение за реклами.
Пробивот на западниот пазар е драматичен потег за малку позната апликација, а сè укажува на тоа дека овој бран е поддржан од платеното присуство на одредени корисници со влијание, пишува порталот TechCrunch. Се чини дека ByteDance сака да го протурка Lemon8 на американскиот пазар, што може да биде потег што доаѓа во погрешно време... или можеби во идеален момент. Имено, доколку забраната на Tiktok стане поопсежна, новата апликација ќе ѝ овозможи на компанијата присуство на американскиот пазар.
Како што Insider објави минатиот месец, ByteDance им плаќал на индивидуалните корисници да објавуваат содржина на мрежата Lemon8 како дел од поширокиот план за развој на платформата. Плаќањето автори на содржина е дел од промотивна кампања, а таквата тактика за стекнување нови корисници не е невообичаена во светот на социјалните медиуми. Исто така, многу луѓе споделија позитивни впечатоци за апликацијата на Tiktok, што доведе до уште повеќе преземања на новата апликација.
Досега, големите брендови сè уште отсуствуваат во апликацијата, иако е регистрирано присуство на лажни сметки на одредени брендови, што се случува поради тоа што во моментов Lemon8 нема можност за верификација.
Експертите за маркетинг на социјалните медиуми истакнуваат дека новата апликација и нејзиниот фокус на содржината генерирана од корисниците може да биде особено корисна за малите бизниси.