Сајтот Kuwait News ја претстави Феда – презентер на вести генериран од вештачка интелигенција. Претставниците на овој кувајтски медиум планираат виртуелната презентерка во иднина да ги чита вестите објавени на страницата, а наскоро можеби и на социјалните мрежи.
Kuwait News ја претстави Феда (Fedha) минтата недела на нивниот Твитер профил како жена со откриена коса облечена во црно палто и бела маица.
„Јас сум Феда, првиот водител во Кувајт кој работи со вештачка интелигенција во Kuwait News. Какви вести претпочитате? Ајде да го слушнеме вашето мислење“, вели ликот на Феда на арапски јазик. Веб-страницата е поврзана со Kuwait Times, основана во 1961 година како прв дневен весник на англиски јазик во регионот на Персискиот залив.
أول مذيعة في #الكويت تعمل بالذكاء الاصطناعي
• #فضة.. مذيعة #كويت_نيوز الافتراضية
• ما هي نوعية الأخبار التي تفضلونها بتقديم #فضة زميلتنا الجديدة؟ .. شاركونا آراءكم pic.twitter.com/VlVjasSdpb
— كويت نيوز (@KuwaitNews) April 8, 2023
Абдула Бофтен којшто е заменик-главен уредник за двата медиума, рече дека тоа е тест за потенцијалот на вештачката интелигенција да понуди „нова и иновативна содржина“.
Во иднина, вели тој, Феда би можела да усвои кувајтски акцент и да чита вести на Твитер профилот на страницата, кој има 1,2 милиони следбеници.
„Феда е популарно, старо кувајтско име што се однесува на среброто... Ние секогаш ги замислуваме роботите како сребрени и метални, па ги споивме тие две работи“, објасни Бофтејн.
Русата коса и светлите очи на водителката ја рефлектираат различноста на домородното население и имигрантите во земјата богата со нафта, рече Бофтен, додавајќи накратко: „Феда ги претставува сите“.
Првиот видео-клип во траење од 13 секунди предизвикал поплава од реакции на социјалните мрежи, а секако коментираа и новинарите.
Вртоглавиот подем на вештачката интелигенција на глобално ниво ја зголеми надежта дека во некои сегменти таа може да донесе голема корист на луѓето, особено во областите како што е здравствената заштита. Од друга страна, паралелно со надежта расте и стравот од вештачката интелигенција и потенцијалот што таа го има за ширење дезинформации, но и губење на работните места и загрозувањето на уметничкиот интегритет.