Рубрика: Омнибус
Можете без грижа да го излижете капачето од чашката со јогурт
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 07.04.2023 - 14:00

Некои метали се здрави за организмот во мали количини. Железото, на пример, треба редовно да се внесува, но другите метали треба да се избегнуваат. Токму затоа некои луѓе веруваат дека е штетно да се лиже капакот од шолјата со јогурт. Но, дали е тоа вистина? Накратко – не. Ако го лижете капакот, не значи дека ќе консумирате и алуминиум. Подобро е да внимавате на вашиот јазик, бидејќи можете да се исечете на острите рабови од металот.

Според Германскиот федерален институт за проценка на ризик, алуминиумот претставува најголем ризик кога кородира во контакт со киселини или сол. Лимонска киселина или обична сол, на пример, може да се најде во јогуртот. Но, како што објаснуваат од институтот, „токму затоа пакувањата се обложени однатре“.

Тој заштитен слој спречува алуминиумот да влезе во јогуртот, што значи дека можете да го излижете капакот без никакви последици по здравјето. Но, алумниумот може да биде ризичен по други основи.

Тој е најчестиот метал во Земјината кора и може да се најде во многу работи. Не треба да внесувате повеќе од еден милиграм алуминиум на килограм телесна тежина дневно. Ако јадете нормално, нема да ја надминете таа граница.

Но, бидете внимателни кога користите алуминиумска фолија или алуминиумски контејнери за еднократна употреба. Ако кисела или солена храна дојде во контакт со нив, голема количина алуминиум може да се пренесе во храната.

Затоа не треба да ставате ништо што содржи киселини или соли во алуминиумска фолија, како што се исечени јаболка, домати и сирење, како и маринирано месо.

Клучни зборови: