Жителите на Париз на необврзувачки референдум гласаа за забрана на електричните тротинети на улиците на француската престолнина, а градските власти најавија дека ќе ги прифатат резултатите од изјаснувањето на граѓаните.
Парижаните на неодамнешниот референдум се изјаснија дека сакаат град без електрични тротинети. Гласале околу 90 000 луѓе, а резултатите биле објавени на официјалната веб-страница на градот Париз.
Референдумот го иницираше Ан Идалго, градоначалничката на Париз, која е загрижена за безбедноста. Таа посочила дека ќе ги почитува резултатите од гласањето, без разлика на излезноста, а АФП објави дека може да ги раскине договорите со трите актуелни оператори на 31 август 2023 година. Градоначалничката на Париз го нареклa гласањето „голем демократски успех за нашиот град“, додавајќи: „Парижаните кои гласаа се изјаснија против тротинетите за самопослужување. Нивната многу јасна порака станува наш патоказ. Заедно со мојот тим, ќе ја следам нивната одлука како што ветив“.
Париз стана еден од првите големи градови во Европа кој воведе употреба на е-скутери уште во 2018 година. Во градот имаше неколку оператори за изнајмување скутери, а во 2020 година беа воведени контроли на овие машини, вклучително и проверка на староста, регистарски таблички итн.
Градовите ширум светот ги заоструваат регулативите за електричните тротинети, ограничувајќи ја нивната брзина, движењето и местата каде што тие можат да се паркираат.
Минатата година во Париз биле регистрирани 459 несреќи во кои биле клучени електрични тротинети и слични возила, а во нив животот го изгубиле три лица.
Електричните тротинети, до кои се пристапува преку апликации за паметни телефони, во Париз се користат од 2018 година, но по поплаките за нивното хаотично распоредување, во 2020 година градот Париз го намали бројот на оператори кои ги изнајмуваат. Исто така, градот ги обврза операторите со тригодишен договор во кој се бара брзината на тротинетите да биде ограничена на 20 километри на час. Воведени се и паркинг места за тие возила, а сегашните договори истекуваат во септември 2023 година.