Рубрика: Информатика
Три од десет кибер криминалци се жени
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 20.03.2023 - 15:45

Ако мислевте дека кибер криминалците се само мажи, сте погрешиле – студијата на компанијата за кибер безбедност Тренд Микро открива дека жените играат подеднакво значајна улога во кибер подземјето.

Иако вообичаено се верува дека кибер криминалците се претежно мажи, мислење поттикнато од медиумските извештаи кои вообичаено ја користат заменката „тој“ за неидентификувани напаѓачи, споменатата студија покажува дека ова верување баш и не мора да е точно. Според објавените податоците околу 30% од учесниците на форуми кои се собиралиште на кибер криминалците се жени.

Полот е релативно неважен во заедниците на кибер криминалот, веројатно поради анонимноста што ја тој ја овозможува и побарува.

Тренд Микро забележа промена во економијата на компјутерскиот криминал во однос на родовата инклузивност. Споредувајќи ја сегашната ситуација со претходната, Тренд Микро вели дека дискусиите на форумите порано биле помалку прифатени од оние кои се идентификувале како жени. Меѓутоа, во последниве години полот стана помалку важен кога се „води бизнис“ во оваа заедница.

Експертизата и вештините се високо ценети на форумите на кибер-подземниот свет, многу повеќе отколку родот. Иако жените сè уште се малцинство во заедницата на кибер криминалот, нивното присуство и влијание не треба да се занемарат.

Trend Micro спроведе студија во која анализираше 10 популарни форуми за хакирање – пет од форумите се на англиски јазик (Sinister, Cracked, Breached, Hackforums и сега веќе непостоечкиот Raidforum) и пет популарни руски форуми (XSS, Exploit, Babylon, BHF и WWH-Club).

Бидејќи корисниците на овие форуми се главно анонимни, истражувачите се послужиле со алатката за маркетинг на пребарувачот Semrush за да го одредат полот на корисниците на форумот, а потоа ги споредиле резултатите со Stack Overflow и Reddit. Иако алатката можеби не е сосема прецизна, резултатите од истражувањето се доста илустративни. Тие откриле дека жените сочинуваат 40% од посетителите на форумите за кибер криминал на англиски јазик, додека кај форумите на руски јазик, 42,6% од посетителите се жени, додека 57,4% се мажи.

Од анализираните форуми, Sinister имал најголем процент на женски посетители – 61%. Спротивно на тоа, кај Stack Overflow, форум посветен на програмирање, само 12% од посетителите се идентификувани како жени.

За да утврдат кој создава содржина на форумите, истражувачите ги анализирале рускиот XSS форум и Hackforums на англиски јазик, користејќи ја алатката за машинско учење Gender Analyzer V5. Софтверот е тестиран на 11 000 блогови, од кои половина биле напишани од жени, а половина од мажи, со цел да се анализира текстот и да се одреди полот на авторот. Студијата опфати контролна група од 10 корисници кои се самоидентификувале како жени на форумите и биле успешно идентификувани како жени од софтверот. Истражувачите потоа анализирале 50 случајно избрани кориснички сметки на форумот XSS и откриле дека 70% се мажи, а останатите биле жени. Аналитиката на Semrush предвидела дека 59% од посетителите на XSS се мажи, а останатите биле жени.

За 50 случајни кориснички сметки од Hackforum, студијата покажала дека околу две од три сметки припаѓаат на мажи, што одговара на целокупната родова дистрибуција на форумите на англиски јазик.

Видовите работни места специјално рекламирани за жени на форумите од кибер-подземјето вклучуваат трговија со дрога, перење пари, работни места во кол-центри, измами за кои е потребен социјален инженеринг и таканаречените романтични измами, каде вообичаено се бараат гласови и слики. Сепак, повеќето од огласите за работа или деловни партнери, кои можат да се видат на хакерските форуми, се родово неутрални и отворени за сите, а од кандидатот се бара само знаење и вештини, додека полот не се споменува. При регрутирање нови членови во некоја криминална група, не се споменува ниту полот. Истражувачите велат дека за време на студијата не виделе ниту еден случај некој да бил дискриминиран поради неговиот пол.

Според тоа, три од 10 кибер криминалци се жени, што ја става нелегалната дигитална „индустрија“ пред секторот за кибер безбедност во однос на родовата еднаквост. Во споменатиот сектор, жените во моментов сочинуваат само една четвртина од работната сила.

Во споредба со претходните години, сега повеќе жени се вклучени во науката, технологијата, математиката и инженерството. Според истражувачите, ова нужно ќе се прелее и во кибер подземјето што ги следи социјалните и деловните промени од реалниот свет.

Клучни зборови: