Рубрика: Роботика
Робот-коцка со едно моментум тркало може да ги компензира нарушувањата во балансот
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 15.03.2023 - 13:15

Група специјалисти за роботика предводена од професорот Рафаело Д'Андреа од Швајцарскиот федерален институт за технологија во Цирих создадоа нов робот во форма на коцка што има способност да балансира, додека е поставен на работ од коцката, и да ги компензира надворешните нарушувања одржувајќи рамнотежа. Зошто роботот наречен Cubli е уникатен? За разлика од неговите претходници, за одржување на рамнотежата тој користи само едно реакционо односно моментум тркало.

Пред речиси 10 години истражувачите предводени од професорот по роботика Рафаело Д'Андреа претставија робот коцка која може да балансира поставена на својот раб, во една точка. Повеќекратните реакциони тркала сместени во внатрешноста на коцката можеа да ги компензираат нарушувањата во балансот до одреден степен, што го отежнуваше рушењето на рамнотежата. Роботот истовремено можеше да скокна и да се движи наоколу по пат на контролирани падови.

Сега овој модел доби наследник – One-Wheel Cubli (Кјубли со едно тркало), како што го именуваа во работилницата на Д'Андреа. Потребно е само едно реакционо тркало за да се овозможи неговото балансирачко дејство. Наместо дополнителни тркала, роботот е опремен со столб за балансирање, налик балансер на жица кој користи мотка за одржување на балансот. Како резултат на тоа, инерциите се разликуваат во двете насоки на движење, овозможувајќи One-Wheel Cubli да ги стабилизира двете насоки истовремено.

Кјубли со едно тркало беше претставен во најновото издание на Mechatronics.

Клучни зборови: