Рубрика: Аудио и видеотехника
„Биографија на аналогниот магнетофон“ во е-продавницата на Емитер
Автор: Слободан Таневски
Објавено на 03.03.2023 - 17:15

Книгата Биографија на аналогниот магнетофон во редакцијата на Емитер

Како што веќе најавивме, од денес во е-продавницата на ЕМИТЕР стана достапно извонредното дело од областа на аудиотехниката „Биографија на аналогниот магнетофон“ од Вангел Башевски – Барми. Се работи за научно-популарно издание кое главно се занимава со историјата на аудиотехнологијата и музиката и е прво од таков вид во регионов.

Вангел Башевски – Барми е дипломиран инженер на звук и афирмиран блогер, фриленс новинар, издавач, радиоводител и рок-музичар. „Биографија на аналогниот магнетофон“ е научно-популарен труд на Башевски кој содржи елементи од акустиката, електротехниката, аудиотехниката, аудио-визуелните уметности и други сфери. Поконкретно, тој се занимава со развојот и примената на аналогниот магнетофон, највлијателниот изум за звучно снимање.

Авторот најнапред нѐ запознава со физичките својства на звукот и перцепцијата на звукот од страна на човекот, за потоа да се запознаеме и со главниот актер во книгата – аналогниот магнетофон, неговиот принцип на работа и конструкција. Потоа продолжуваме со неговата употреба во процесите на обработка на звукот, креирањето на аудиозаписи и нивна репродукција.

Откако се информиравме за примената на овој уред што го одбележа периодот на креирање на некои од звучно најбогатите музички албуми, се задлабочуваме во историјата и развојот на неговото ‘височество’ – аналогниот магнетофон. Дознаваме за главните актери во развојот, кои биле неговите претци, наследници и иноватори, различните концепти на развој од двете страни на ‘Големата бара’ и на далечниот исток, и како магнетофонот го освојува светот од двете страни на железната завеса.

Потоа Башевски нѐ запознава со употребата на магнетофонот како креативна алатка – како музички инструмент, алатка за звучната креација и монтажа, но и како експериментален медиум. Дознаваме за проблемите и предизвиците што оваа алатка ги носи во практиката. За крај, сосема природно, Башевски завршува со споредбата на предностите и недостатоците на аналогниот магнетофон и дигиталните снимачи и носачи на звук.

Авторот се потрудил да ни пренесе и живи приказни од снимањето на некои од делата на култните личности од музичката и филмската индустрија. Сето тоа зачинето со куриозитети, анегдоти и сведоштва од прва рака, а раскажано по хронолошки и географски принцип: од Америка преку Западна и Источна Европа до Јапонија, и од Британија и Скандинавија преку Балканот до Австралија. Како снимале Синатра, Елвис, Битлси, како снимале Дугме, ЕКВ, Леб и сол и други странски и домашни музичари; кои биле нивните тонци и продуценти; со какви предизвици тие се судирале; како бил работен тонот за холивудските оскаровци; пропагандата на Гебелс; магнитиздатот и цензурата во СССР; тајни служби, шпионажа и прислушкувања; аферата Октопод и Вотергејт; сублиминални пораки и езотерија; сè од Ленон до Ленин на едно место! Особено вредни се информациите, приказните и анегдотите од снимањата низ студијата во Македонија и во поранешна Југославија, каде учесници се познатите (и помалку познатите) музичари, филмаџии, тон мајстори...

А сè започна со еден симинарски труд, што мојот тогашен студент Башевски, требаше да го потготви по предметот Акустика и аудиотехника на тема “Магнетофоните и нивната примена во тонската продукција“. Семинарскиот труд наместо предвидените 10-15 страници стана “брошура“ од 60-ина страници, па една година потоа прерасна и во дипломски труд од преку 150 страници. Пет години потоа пред нас стигна финалниот труд од ова необично патешествие, книга стокмена во А4 формат на дури 550 страници, богато илустрирана со преку 1100 цртежи, факсимили и фотографии. Се работи за извонредно издание во кое е вложен 6-годишен труд во истражување, пишување и графичко уредување, при што се користени преку 300 релевантни извори (книги, списанија, каталози, веб-страници...) и е разговарано со многу личности од светот на тонската продукција кај нас и во светот. Ова е дело со мноштво интересни информации од кои корист ќе имаат и професионалците и аматерите, и електроничарите и инженерите на звук, како и сите вљубеници во аудиотехниката.  

Стручната редакција на книгата е направена од мене, а рецензенти се моите колеги професори: Братислав Зафировски - Брацо (познат како тонмајстор на Леб и сол и други имиња од земјава и од ex-YU просторите, како и по својата работа со филмскиот тон) и Валентино Скендеровски (познат по групата Меморија и како продуцент на дела на Тоше Проески, Каролина Гочева и други ѕвезди).

Легитимниот тираж на книгата во издание на издавачката куќа Слово од Скопје е печатен во Загреб, а се познава и по т.н. QR-код, кој смартфоните на читателите ги води до веб-страницата на авторот. Книгата стана хит дури и пред нејзиното објавување и беше мета на пиратство – нејзини дефектни примероци беа украдени и беа илегално продавани како bootleg (што во аудиофилскиот речник значи неофицијално, недоработено и украдено музичко „издание“ на некоја рок-ѕвезда). Авторот моли да биде известен ако некому в рака паднал таков bootleg, а неколкумина читатели ќе можат да го заменат за легитимен примерок со разумна доплата, чија смисла е да се обесхрабрат „пиратите“. Авторот благодари за вниманието и апелира за поддршка.

За нарачка на книгата следете ја оваа врска кон е-продавницата на Емитер, а за инфо од промоцијата на книгата кликнете тука.

Датотеки за преземање:
* најавете се за да можете да ги преземете датотеките
 
Клучни зборови:
Книгата Биографија на аналогниот магнетофон во редакцијата на Емитер

Книгата Биографија на аналогниот магнетофон во редакцијата на Емитер

Насловната страница на книгата Биографија на аналогниот магнетофон

Насловната страница на книгата Биографија на аналогниот магнетофон

Поглед во внатрешноста на книгата Биографија на аналогниот магнетофон

Поглед во внатрешноста на книгата Биографија на аналогниот магнетофон

Поглед во внатрешноста на книгата Биографија на аналогниот магнетофон

Поглед во внатрешноста на книгата Биографија на аналогниот магнетофон

Поглед во внатрешноста на книгата Биографија на аналогниот магнетофон

Поглед во внатрешноста на книгата Биографија на аналогниот магнетофон

Рекламен флаер за книгата Биографија на аналогниот магнетофон

Рекламен флаер за книгата Биографија на аналогниот магнетофон