Едно ново истражување кое ги следело навиките и здравјето на речиси 14 000 жени во текот на две децении, открило дека седум здрави навики и фактори на начин на живот можат да играат улога во намалувањето на ризикот од деменција. Прелиминарната студија беше објавена оваа недела, а ќе биде претставена на 75-тиот годишен состанок на Американската академија за неврологија што треба да се одржи во Бостон, САД, од 22 до 27 април оваа година.
Седумте фактори за здравјето на срцето и мозокот, познати како Life's Simple 7 на Американската асоцијација за срце, се: да бидете активни, да јадете поквалитетно, да ја одржувате здравата тежина, да не пушите, да одржувате здрав крвен притисок, да го контролирате холестеролот и да имате низок крвен шеќер.
Добрата вест е дека изборот на здрав начин на живот во средната возраст може да доведе до намален ризик од деменција подоцна во животот.
Во студијата учествувале 13 720 жени со просечна возраст од 54 години на почетокот на студијата. По 20 години следење, истражувачите ги разгледале податоците на Medicare за да ги идентификуваат оние на кои им била дијагностицирана деменција. Од учесничките во истражувањето 1 771, или 13%, развиле деменција.
За секој од седумте здравствени фактори, на учесниците им бил даден поен од нула за лоша или средна здравствена состојба, еден поен за идеално здравје, до најмноги 7 поени за одлична здравствена состојба. Просечниот резултат бил 4,3 на почетокот на студијата и 4,2 поени по изминати 10 години. По прилагодување на факторите, како возраст и образование, истражувачите откриле дека за секое зголемување од еден поен во резултатот, ризикот од деменција кај учесниците се намалувал за 6%.
Ограничувањето на студијата е тоа што истражувачите не биле во можност да погледнат како промените во факторите, како откажувањето од пушење, на пример, влијаеле на ризикот од деменција подоцна во животот.