Возилото на компанијата Zoox во сопственост на Амазон е невообичаено по тоа што нема волан, ниту педали за гас, ниту пак сопирачки. Голем број автомобилски и технолошки компании развиваат и тестираат автономна технологија и автомобили, но малкумина од нив можат да се пофалат дека нивните беспилотни автомобили учествуваат во јавниот сообраќај. Досега само компаниите Waymo и Crusie добија регулаторни дозволи на неколку американски пазари, а сега и Амазон се пофали со тоа како нивната компанија Zoox ќе може да превезува патници на јавните патишта во Калифорнија со роботизирани такси возила.
Во нивните автомобили нема возачи – се работи за возила кои се направени исклучиво за да бидат контролирани од компјутери, па во внатрешноста нема волан, педала за гас, кочница или нешто слично. Возилото може да се движи подеднакво во двете насоки, така што во основа нема класична предница и заден дел, а и внатрешноста од автомобилот е дизајнирана на ист начин. Бидејќи возилата не се дизајнирани со цел да ги возат луѓе, тие немаат ниту вистински предни седишта, туку седиштата во внатрешноста се свртени едно кон друго, нешто како во старомодните кочии.
Zoox неодамна доби дозвола да ги тестира овие возила на јавни патишта, но само на мал и ограничен дел од нешто повеќе од километар и половина. Во нив, барем засега, можат да се превезуваат само вработените во компанијата. Превозот се врши меѓу нивните две канцеларии во Фостер Сити, Калифорнија, а максималната брзина со која возилата можат да се движат изнесува 56 km/h.
Амазон ја презеде компанијата Zoox во 2020 година, кога беше претставено нивното прво електрично роботско такси возило. Сегашниот план е да се продолжи со тестовите, а наскоро се очекува да се пушти во употреба услуга во која сите вработени би можеле да возат со овие возила помеѓу канцелариите. Компанијата, се разбира, има многу поголеми планови кои вклучуваат роботакси услуга отворена за јавноста, но дотогаш можеме да очекуваме уште многу тестови на технологија и возила. Искуството на Waymo и Cruise и нивната автономна технологија досега беше доста позитивно, иако Cruise имаше одредени проблеми со своите автомобили, за кои веќе пишувавме. Меѓутоа, кога станува збор за некои тешки сообраќајни несреќи и повреди, тие за среќа не се евидентирани при користење на роботакси услугите на овие компании.