Со овој потег, менаџментот на социјалната мрежа Твитер сака дополнително да го осигура кредибилитетот на корисникот, при што би можело јасно да се утврди дали се работи за лажна корисничка сметка. Самиот систем за верификација сè уште е во развој, а од компанијата нема објави кога точно тој би можел да стане активен.
Информацијата ја објави Џејн Манчун Вонг, која стана позната по нејзините досегашни точни предвидувања за новините поврзани со ИТ компаниите. Џејн вели дека значката ќе се појави кога корисникот ќе ја допре сината значка до неговиот уникатен прекар на Твитер. Потоа корисникот ќе види порака со која се потврдува дека сметката е верификувана. Иако компанијата официјално не ја најави оваа функција, Џејн вели дека ќе има опција за вчитување на лична карта, како и селфи фотографија заради проверка на идентитетот, пренесува Android Headlines.
Самиот систем за проверка на сметката значително се промени откако Илон Маск дојде на чело на компанијата. Претходно, социјалната мрежа бараше од корисниците да исполнат неколку критериуми пред да ја добијат сината значка покрај нивните имиња. Сега тоа веќе не е случај. Значката е достапна за сите претплатници на услугата Twitter blue што ја нуди мрежата за микроблогирање. Самата претплата е помеѓу 8 и 11 долари, што мотивираше голем број корисници да го додадат познатиот беџ до своето име.
Како сега функционира процесот на верификација?
Компанијата ја прегледува сметката пред да му додели на корисникот сина значка. Во основа, Твитер сака да провери дали корисникот имитира позната личност или бренд. Поради ова, сината ознака повеќе не е знак за автентичност на платформата, па Twitter воведе и други маркери со кои се препознаваат проверените сметки на познати личности, политичари и брендови. Сепак, покрај ова и синиот знак за проверка е сè уште таму, што понекогаш е мошне збунувачки за корисниците.
„Сметката е потврдена, бидејќи корисникот е претплатен на Twitter Blue“, е пораката што Twitter ја испраќа секогаш кога ќе го допрете синиот знак за проверка на сметката за претплата, веднаш до корисничкото име.
Наскоро на истото место ќе се појави и ознака која ќе дава потврда дека сметката (профилот) е верифицирана со лична карта. Се верува дека оваа опција ќе биде овозможена за претплатниците на Twitter blue, а овој тип на верификација ќе биде потврда дека профилот навистина е автентичен.