Резултатите од пазарот, кои се согледуваат во бројот на продадени производи, се објективна категорија која не подлежи на емоција, штимање или сомнително толкување. Да се успее на пазарот значи дека си одличен производител кој суверено владее со својот производ од сите аспекти. За познатиот германски бренд Мерцедес последниве години овие параметри не одат во прилог, што се однесува до глобалниот пазар. На домашниот пазар се релативно добри, но на меѓународниот недоволно добри и финансиската состојба не може повеќе да се толерира.
Ова беше повод за промена на деловната стратегија, што беше најавено минатата година. Промената се огледа во намалување на трошоците и, она што е најбомбастичното, враќање кон корените т.е. форсирање по секоја цена на луксузните модели. Тоа практично значи дека од 33 каросериски изведби кои во моментов Мерцедес ги нуди на европскиот и американскиот пазар на автомобили ќе “преживеат“само 14! Ова е голема чистка во производниот асортиман на Мерцедес. Нема шега.
Еве ги најинтересните моменти од оваа чистка на столетието во Мерцедес:
• Во S класата купето и кабриото ќе бидат укинати.
• Во C и E класата купето ќе биде замането со единствен модел CLE.
• Од следната година се повлекуваат CLS и AMG-овиот пандан GT-4 Door.
• Кај SUV моделите GLC и GLE ќе имаат уште една купе верзија, а потоа и тие изведби ќе бидат укинати.
• Во делот на караванските изведби во 2028 година оди во пензија C класата а за наредните две години и поголемата E класа.
• CLA добива Shooting Brake верзија во 2025, но таа ќе биде последна.
Дефинитивно, Мерцедес се враќа на корените. Во понудата остануваат и ќе се засилат луксузните модели како, на пример, Мајбах или SUV моделот GLG и, секако, во однос на погонот ќе се инвестира во хибридите и електричните погони. На пример: во кулоарите се зборува дека батериите ќе имаат капацитет од 150 kWh и ќе овозможуваат домет до дури 800 km.