Рубрика: Информатика
GLOBAL GAME JAM МАКЕДОНИЈА по 11-ти пат
Објавено на 03.02.2023 - 15:30

Овој викенд, од 3 до 5 февруари 2023 г., во Скопје и Битола по 11-ти пат ќе се одржи Global Game Jam Македонија. Како и на сите претходни настани, организатор е Македонската Асоцијација за развивање на игри – МАГДА. Настанот е со физичко присуство и се одржува во просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ во Скопје и во канцелариите на Kamai Media во Битола. Секој кој има желба да развива игри е поканет да учествува.

Македонија го започна своето учество на Global Game Jam во 2013 година и во изминатите години интересот за учество беше изненадувачки голем. На него досега се сретнаа над 2000 учесници – професионалци, студенти, средношколци и ентузијасти од различни сфери за заедно да креираат игри, разменуваат знаење и остваруваат контакти. Досега се создадени повеќе од 300 дигитални игри во прототип, а некои продолжија да се развиваат во комерцијални продукти.

Се гордееме што Македонија на Global Game Jam редовно се пласира меѓу земјите со највисок број на учесници и игри создадени по глава на жител. Целта ни е и оваа година да го потврдиме и надградиме тој успех.

За учесниците ќе обезбедиме непрекинат интернет пристап, храна, пијалаци и ужини во текот на целиот настан, награди за најдобрите, ментори со кои ќе можат да се консултираат или да побараат помош, простор за работа, и простор за рекреација и одмор. Очекуваме да имаме и голема публика за време на затварањето на настанот кога ќе се презентираат игрите и ќе се доделуваат награди. Учесниците со себе треба да донесат лаптоп или персонален компјутер, како и друга опрема што им е потребна, но најважно со себе да донесат многу креативна енергија и добро расположение.

Повеќе за настанот и за учеството може да се прочита на интернет страницата на МАГДА –  www.magda.org.mk

Клучни зборови: