Конечно јапонскиот бренд за автомобили Мазда ќе го претстави својот нов SUV со три реда на седишта во кој може да се сместат осум патници. Типот на возилото е Mazda CX-90.
Тоа ќе биде нивното најмоќно возило. Во суштина се работи за благ хибриден погон. Ќе го погонува шестцилиндричен редно поставен дизелски мотор со моќност од 345 КС кој, меѓу моторот и 8 степениот автоматски преносник, ќе има погонски електромотор. Фактички се работи за паралелен хибриден погон. Сите четири тркала ќе бидат погонски, што прилега на еден вистински чистокрвен SUV. Моторот е со зафатнина од 3,3 литри и е опремен со турбинско преполнување. Вртежниот момент изнесува камионски 501 Nm. Достапен е и добропознатиот погон од Мазда моделот CX-60, познат како PHEV e- Skyactiv, со 2,5 литрен четирицилиндричен бензински мотор, кој на чисто електричен погон може да помине 94 km со едно полнење. Изборот на погонот останува на купувачот.
Надворешниот дизајн е конфекциски, неубедлив и досаден. Од она што го гледам на самата предница заклучувам дека има извонредно висок аеродинамичен отпор, што сигурно ќе се одрази на потрошувачката при големи брзини. Но, со оглед дека се работи за SUV кој ќе се вози и по беспаќа со мали брзини, овoј дизајн може да се толкува и како дозволен од аспект на аеродинамиката. Меѓутоа, да почекаме и да видиме што при неговата презентација ќе кажат официјалните податоци за параметрите, меѓу кој е и потрошувачката на гориво.
Ентериерот е мошне луксузен и ретко кој би нашол замерка за него. Се работи за модерно опремен ентериер, со сите потребни современи помагала и информациони системи, кои гарантираат максимална удобност, сигурно управување со возилото и максимално пријатно и сигурно патување.