Рубрика: Автомобилска техника
Извонредни новости од Порше
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 26.01.2023 - 10:45

Нема играње со бренд како Порше (Porsche) којшто е толку длабоко наденат во дамарите на љубителите на автомобилите така што некои од поклониците не можат ниту животот да го замислат без него. Познато е дека Порше е светски лидер во високосериско производство на спортски автомобили со врвен квалитет. Магијата, која истовремено е и проклетство на овој бренд, е добро познатата и секогаш присутна 911-ка, што како камен околу вратот му тежи на овој производител. Но, великаните и генијалците во маката се познаваат, особено кога успеваат да ја претворат во магија. Па така е и со Порше...

Во раководството на Порше како да не се задоволни со моделот Taycan Turbo S кој испорачува дури 750 КС и вртежен момент од импресивни (и камионски) 1050 Nm, па на арктичкиот поларен круг во најголема тајност го тестираат новиот Porsche Taycan EV.  Колку што е познато од информациите што протекоа некако во јавноста се работи за верзија со чисто електричен погон.

Но тоа не е сè! Интересното кај електричните погони е тоа што вртежните моменти теоретски се бесконечно големи, исто и броевите на вртежи се значително големи, а најважното е што кривата на моментот од електромоторот се поклопува со влечната карактеристика. Ова автоматски асоцира на тоа дека овие погони имаат супер спортски карактеристики. Така електричниот модел на новиот Порше без проблеми ќе испорача повеќе од 1000 КС, што е мошне импресивно и што го става во директна конкуренција на супермоделите на Тесла – Model S Plaid и Lucid Air Sapphire. За овие импресивни бројки на погонот на Поршето задолжени се дури три електромоторни погони.

Секако, ќе има и промени во екстерниот дизајн на автомобилот, но сето тоа е прикриено со велот на тајноста, иако шпиунажата наголемо работи, што се гледа и од приложените шпионски фотографии.

Премиерата на Porsche Taycan EV се очекува да се случи во втората половина од оваа година.

Клучни зборови: