По повеќе од половина век производство, последниот авион од типот Боинг 747, џамбо џет, познат и како “Китот”, во декември ја напушти фабриката на Боинг лоцирана во државата Вашингтон, САД. Со ова се спушти завесата на производството на еден од најпрепознатливите авиони досега.
Раѓањето на 747 не беше мазно и за малку ги банкротираше тогашните лидери во авијацијата –најголемиот авиопроизводител Боинг, тогаш најголемиот производител на мотори Прат и Витни и легендарниот авиопревозник Пан Ам. 747 не беше планиран за долгорочна употреба, бидејќи во тоа време светот беше свртен кон можностите за патување со надзвучна брзина што требаше да го испорачаат авионите Boeing SST и Concorde. Имено, ресурсите на Боинг беа доведени до апсолутната граница во доцните 60-ти, додека неговите инженери се справуваа со сложеноста на дизајнот на надзвучниот модел 2707 спонзориран од американската влада, проект што на крајот беше укинат од Конгресот на 20 мај 1971 година.
Последниот Боинг 747 ја напушта фабриката
Во тоа време 747 се сметаше за само привремено решение пред надзвучниот транспорт да стане секојдневие во авиопревозот, но за среќа, Боинг го назначи брилијантниот млад дизајнер Џо Сатер одговорен за проектот кој стана татко на класиката на млазната ера.
Кога за првпат беше произведен во 1969 година, моделот 747 на Боинг претставуваше најголем комерцијален авион во светот и беше првиот авион со две патеки помеѓу редовите седишта. Дури и денес, овој авион е сè уште поголем од повеќето други авиони. Неговиот дизајн е таков што вклучува второ ниво коешто се протега од пилотската кабина кон задниот дел, сместено над предната третина од авионот. Оттаму потекнува и карактеристичната “грпка” којашто овој авион веднаш го направи препознатлив и која беше инспирирција за неговиот прекар – “Китот”.
Повеќе од 50 000 вработени во Боинг работеа 16 месеци за да го произведат првиот модел 747. Оттогаш до денес компанијата изработи уште 1573 примероци од овој модел. Но, во текот на изминатите две децении, Боинг и неговиот европски ривал Ербас постепено се свртеа кон поефикасни и попрофитабилни авиони – широкотрупни модели со два мотора што полека но сигурно ја заменуваа четиримоторната 747-ка.
Првиот комерцијален лет “Китот” го оствари на 22 јануари 1970 година, на линијата Њујорк – Лондон, како дел од флотата на ПанАм. На американско тло Делта беше последна авиокомпанија што го користеше моделот 747 за комерцијални патнички летови, последниот лет во овие цели беше во 2017 година. Но, некои меѓународни превозници сè уште продолжуваат да го користат Боинг 747, меѓу кои и германската авиокомпанија Луфтханза.
Во мај минатата година Боинг објави дека ќе го пресели своето седиште од Чикаго во Арлингтон, Вирџинија. Преселбата во Вашингтон ќе им овозможи на раководителите на компанијата да бидат поблиску до клучните функционери на американската влада и Федералната управа за авијација (FAA), задолжена за издавање сертификати за пловидбедност на патничките и товарните авиони.
Односите на Боинг со ФАА беа напнати по фаталните несреќи на најпродаваниот модел на авион на Боинг – 737 Макс, што се случија во 2018 и 2019 година, а за кои истрагата покажа дека се должат на премногу компромиси за заштеда во производниот процес на штета на безбедноста на леталото. По ова беа потребни речиси две години за администрацијата да ги одобри промените во дизајнот и да дозволи моделот 737 да се врати во употреба.