Амазон врши нови тестови за достава на нарачките во Тексас и Калифорнија со помош на беспилотни летала. Сепак, се чини дека патот што треба да се изоди до целосно автоматизирана испорака на пакетите е сè уште долг.
Но, во Амазон цврсто веруваат дека иднината лежи во оваа насока, како што може да се забележи и од неодамнешната објава на Дејвид Карбон, менаџер на Amazon Prime Air, одделот на Амазон одговорен за развој на воздушна логистика, споделена на Linkedin.
Објавата е придружена со фотографија на која јасно се гледа дрон, со дефинитивно иновативен дизајн, кој носи пакет прицврстен со кабел.
Амазон работи на испораки со беспилотни летала веќе 10 години, уште од 2013 година, развивајќи оттогаш до денес бројни автономни летала – секое пософистицирано и побезбедено од претходното. Истовремено компанијата спроведе и итна лоби-акција со цел да ги убеди американските власти за безбедноста на оваа технологија. Но, законите за употреба на комерцијални дронови во САД и понатаму остануваат мошне строги. За среќа, ако смееме да кажеме.
Најновиот дрон од Амазон има опсег на летање од околу 15 километри и е дизајниран за покривање на последниот дел од логистичкиот синџир. Пакетот се доставува преку спуштање на товарот со помош на долг кабел пред вратата на примачот, додека леталото останува да лебди неколку метри од тлото. Дронот е целосно автономен – избира сопствена рута врз основа на товарот и дестинацијата, ги избегнува препреките на небото и на земјата и може да одлучи кога е најдобро да се откаже од испораката и да се врати назад во базата поради безбедносни причини.
Според Амазон, оваа технологија треба да овозможи побрзи и понавремени испораки и намалување на емисиите на CO2 низ целиот логистички синџир.
Но, се чини дека ќе треба уште долго да чекаме пред испораката на пакети од небо да стане рутина. Безбедноста на урбаните области над кои дроновите треба да летаат не е единствениот предизвик со којшто се соочува Карбон и неговиот тим. Имено, освен што засега дроновите се сè уште премногу бучни, на нив треба уште многу да се работи за да тие станат помоќни и поотпорни на неповолните временски услови, особено на ударите од ветер.