Првиот јужнокорејски лунарен орбитер Данури испрати црно-бели фотографии од површината на Месечината со Земјата над неа, соопшти во вторникот корејскот национален вселенски центар. Името на Мисијата Данури, чие име претставува комбинација од корејските зборови за „Месечина“ и „уживање“, беше лансирана на почетокот од август минатата година со ракета на SpaceX. Леталото следеше долга, кружна патека што овозможи голема заштеда на гориво, но поради тоа во орбита на Месечината влезе дури минатиот месец.
Снимките направени во периодот помеѓу 24 декември и 1 јануари ја покажуваат површината на Месечината и Земјата во позадина. Како што се вели во соопштението на Корејскиот воздухопловно-вселенски истражувачки институт (КАРИ), фотографиите се направени од височина од нешто помалку од 120 километри над Месечината. Инаку, сликите и видеата од оваа мисија ќе бидат „искористени за избор на потенцијални локации за слетување на Месечината во 2032 година“, додаваат во соопштението.
Првата фотографија од јужнокорејската мисија Данури
Орбитерот Данури ја обиколува Месечината во ниска поларна орбита на секои два часа. Во орбитата на Месечината тој се наоѓа во душтво на одамна оперативните вселенски летала на САД и Индија, додека на површината кинескиот ровер ја истражува далечната страна на Месечината.
Научната мисија на Данури официјално започнува следниот месец, а ќе вклучува мапирање и анализа на лунарниот терен, како и мерење на магнетната сила и на гама зрачењето. Покрај ова леталото ќе ја тестира и експерименталната технологија на „вселенски интернет“ со пренос на фотографии и видеа до Земјата. Данури има шест научни инструменти, вклучително и камера на НАСА. Леталото е дизајнирано да ѕирне во трајно засенчените, преполни со мраз кратери на лунарните полови. Имено, НАСА го фаворизира лунарниот јужен пол како одредиште за идните астронаути поради наодите кои покажаа постоење на замрзната вода во овој регион. Со оваа мисија научниците очекуваат да собираат геолошки и други податоци во текот на најмалку една година.
Лансирањето на Данури изведено на почетокот од август минатата година
Данури е втората вселенска мисија на Јужна Кореја што беше лансирана во 2022 година. Имено, во јуни корејците успешно лансираа и пакет сателити во орбита околу Земјата, користејќи за прв пат сопствена ракета.
Јужна Кореја постави амбициозни планови за вселената, вклучувајќи слетување на роботска сонда до 2030 година, други вселенски летала до 2032 година и слетување на Марс до 2045 година.