Во овој период секојдневно слушаме “СРЕЌНА НОВА ГОДИНА!”
СРЕЌА – Што всушност значи овој поим? За него честопати мислиме дека е имагинарен, дека е привилегија само на најбогатите, најинтелегентните, најубавите… Стручно кажано среќата е емоционална состојба во која човекот се чувствува убаво и исполнето, за разлика од задоволството кое има покусо траење. И среќата и задоволството имаат минлив карактер, но за разлика од задоволството среќата е повредно, подлабоко чувство.
Многупати се мачиме да го дефинираме овој поим. Тоа го правеле и многу филозофи, писатели, научници, мислители… Интересно е што оние нешта за кои се мисли дека се многу битни за човек да се чувствува среќен, всушност се помалку битни, и обратно, оние нешта за кои се смета дека не се толку важни, всушност се повеќе битни. На пример, животните околности на кои имаме влијание, како што се образованието, работниот однос, кариерата и парите, имаат според истражувањата само 10-15 % влијание на субјективното чувство на среќа. Чувството на среќа главно зависи од карактерните особини и темпераментот на личноста, додека страдањето и радостите кои се секојдневен сопатник на животот и она што си го нарекуваме судбина , има сосема мало влијание на тоа како се чувствуваме.
Психолозите тврдат дека чувството на среќа е внатрешно чувство
Убавината, младоста и материјалното богатство, според стручњаците се гаранција за забава, но не и за среќа. Најсреќни се средно ситуираните, материјално осигурани луѓе. Тие имаат повеќе време за спорт, хоби, за семејството, децата, за дружење. Оние кои се врвни во која било област се помалку среќни и имаат понеквалитетен живот. Тие се заробеници на тоа “НАЈ”
На сите ви е јасно дека секојдневни елементи на среќата се слушање музика што ви се допаѓа, читање добра книга, добивање добра оцена или да положиш испит, да сакаш и да бидеш сакан; додека да имаш многу пари, јака кола, да се напиеш, да гледаш добра комедија и друго, помага да се чувствуваш добро и опуштено, но не и да си среќен. Битно е да се напредува во животот, но уште поважно од нивото на постигнатото е да се чувствуваш добро и задоволно додека нешто правиш. Среќа не е само да се постигне целта, среќа е и осмислениот и исполнет пат до таа цел. Рецептот за среќа е уживањето во малите нешта. Тие имаат многу поголемо влијание од “големите” нешта.
Ако сакате факторите на среќата да ги свртите во своја корист обрнете внимание на следните неколку точки, што произлегуваат од повеќе научни истражувања.
Факторите на среќа се поделени во две групи и тоа:
Помалку важни фактори, за коишто мислиме дека се важни
Физичка убавина
Лугето ја сакаат убавината. Добриот изглед отвора многу врати во животот, а влијае и на расположението. Но, убавиот изглед сам по себе не носи многу радост, а и минлив е, за разлика од убавината на духот.
Пари
Ако си сиромашен парите се многу важни, но по одредено ниво тие малку или воопшто не влијаат на чувството на среќа. Од друга страна споредувањето има влијание. Колку и малку да заработувате ако тоа “малку” е барем малку повеќе од она што го заработува вашиот сосед – ќе се чувствувате подобро.
Младост
Младите се под поголемо влијание на лошите нешта. Немаат изградено одбрамбени механизми. Можеби постарите се посреќни и заради фактот што со време стекнуваат мудрост за селекција на битното од небитното и се сè поблиску до остварување на животните цели.
Интелигенција
Има релативно мало влијание на среќата. Колку сме поинтелигентни – толку потешко го достигнуваме задоволството, бидејќи и очекувањата и критериумите ни се повисоки. Освен тоа, поумните луѓе се посвесни за своите недостатоци. Ова не значи дека си глупав ако си среќен, туку само дека не си гениј. Па што! :)
Образование
Некогаш, кога тоа им било достапно на малкумина, образованието имало влијание. Денес не. Образованието помага за успешна кариера, но ги зголемува одговорноста и очекувањата, што може да доведе до разочарувања и фрустрации.
Религија
Не влијае сама по себе. Дружењето и припадноста на некоја верска заедница е повлијателно.
Повеќе важни фактори, отколку што мислиме дека се важни
Самодоверба
Самоуверените луѓе психички помалку патат, а мала доза на нарцизам влијае на расположението. Луѓето со поголема самодоверба помалку патат од депресија и од осаменост.
Смисла за хумор
Нештата не треба да се сфаќаат пресериозно. Полежерниот пристап го зголемува чувството на среќа. Оптимистите се посреќни и имаат поголема смисла за хумор. Тие се посреќни, порадосни, а шират и позитивна енергија.
Пријателство
Пријателството е едно од најубавите животни задоволства. Дружењето со пријателите влијае многу повеќе на чуството за среќа и на расположението, отколку дружењето со роднини. Можеби затоа што пријателите си ги бираме, додека роднините не. Вештината на комуникацијата е многу битна. Особено влијание на чувството на трајна среќа има успешната комуникација со саканата личност.
Хоби
Квалитетот на слободното време ни го прават животот исполнет и среќен. Некои слободното време го поминуваат пред телевизор, што опушта, но многу подобро би се чувствувале ако сликате, изработувате нешто, читате, слушате музика или шетате со пријателите.
И на крајот неколку мисли за среќата:
“Вистински е среќен ведриот човек, тој не мора да биде ни млад, ни убав, ни богат.”– Шопенхауер
“Среќата е во сè што не прави среќни.” “Чудно е колку малку е потребно за да бидеме среќни и колку често токму тоа ни недостасува” – Иво Андриќ
“Среќата е во домот во кој се слуша смеа” – Јапонска поговорка
“Кога сме среќни – секогаш сме добри, но кога сме добри не секогаш сме среќни” – Оскар Вајд
“Со среќата треба да се внимава – да уживаме кога е добра и да сме трпеливи кога е лоша, исто како и со здравјето” – Ла Рошфуко
“Среќата е резултат на нашите исправни напори” – Махабхарата
“Не е среќен тој што има сè што сака, среќен е тој што не го бара тоа што го нема” – Латинска поговорка
Ако сакаш да си среќен еден ден – напиј се
Ако сакаш да си среќен една година – ожени се
Ако сакаш да си среќен цел живот – одгледувај цвеќе
Мојот рецепт за среќата е дел од молитвата на индијанците од племето Сијукси
"Боже дај ми сила да го поднесам се она што не можам да го изменам,
дај ми храброст да го изменам сето она што можам да го изменам
дај ми мудрост да го разликувам едното од другото"
И уште еднаш СРЕЌНА ВИ НОВА ГОДИНА