Рубрика: Астрономија и астронаутика
Откриени два водени светa – егзопланети покриени со вода
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 27.12.2022 - 17:00

Уметничка визија на водените светови Кеплер-138c i Кеплер-138d

Група астрономи предводена од Универзитетот во Монтреал (Канада) откри дека две веќе познати егзопланети кои орбитираат околу ѕвезда од типот црвено џуџе претставуваат т.н. водени светови. Имено, се работи се планети во кои водата сочинува голем дел од волуменот. Овие светови, сместени во планетарниот систем оддалечен 218 светлосни години од нас, сместен во соѕвездието Лира, се разликуваат од сите планети во нашиот Сончев систем, а истовремено, со ретки исклучоци, се различни и од сите други планети откриени до денес.

Групата истражувачи, предводена од Каролин Пиоле од Тротие институтот за истражување на егзопланети (iREx) при Универзитетот во Монтреал, ја објави студијата за планетарниот систем познат како Кеплер-138 минатата недела во списанието Nature Astronomy.

Пиоле ги набљудувала егзопланетите Кеплер-138c и Кеплер-138d (кои се еден и пол пати поголеми од Земјата) со вселенските телескопи Хабл и Спицер на НАСА. Притоа таа открила дека планетите се можеби составени главно од вода. Овие небесни тела, заедно со поблискиот „планетарен придружник“ на ѕвездата, Кеплер-138b, беа откриени претходно од вселенскиот телескоп Кеплер.

Присуството на вода не е откриено директно, но споредувајќи ги големините на планетите со некои модели, истражувачите заклучиле дека значителен дел од нивниот волумен, дури половина па можеби и повеќе, отпаѓа на материјали полесни од карпите, а во исто време потешки од водород и хелиум, кои го чинат најголемиот дел од составот на гасните џинови како Јупитер. Разгледувајќи ги можните кандидати за доминантниот состав, астрономите заклучиле дека најверојатно се работи за вода.

Споредба помеѓу дел од Земјата (лево) и дел од егзопланетата Кеплер-138 d (десно). Како и Земјата, оваа егзопланета има внатрешност составена од метали и камења (кафеав дел) и дебел слој вода под висок притисок во различни форми: суперкритична и потенцијално течна вода длабоко во планетата и обемна обвивка од водена пареа (нијанси на сина ) надвор. Овие слоеви на вода сочинуваат повеќе од 50% од волуменот на егзопланетата, што ѝ дава просечна длабочина од околу 2000 километри. За споредба, Земјата има занемарлив дел од течна вода со просечна длабочина на океанот помала од 4 километри. фото: Универзитет во Монтреал

Претходно сметавме дека планетите нешто поголеми од Земјата претставуваат големи сфери од метал и карпи, нешто налик на  зголемени верзии на Земјата, поради што ги нарековме супер-Земји“, објаснува Бјерн Бенеке, еден од другите автори на студијата. „Сепак, сега покажавме дека овие две планети, Kepler-138c и d, се сосема различни по природа: голем дел од нивниот волумен веројатно се состои од вода. Тоа е прв пат да набљудуваме планети за кои може со голем процент на сигурност да се каже дека претставуваат водени светови, односно планети од типот за кој долго време се астрономите теоретизираа, но никогаш не биле откриени.

За да си претставите како изгледаат овие планети, замислете си поголема верзија на богатите со вода месечини Европа или Енцелад, што орбитираат околу Јупитер и Сатурн, но кои се позиционирани многу поблиску до нивната матична ѕвезда. За разлика од ледената површина што ја поседуваат споменатите две месечини, планетите Кеплер-138 c и d би поседувале голема обвивка од водена пареа.

Истражувачите предупредуваат дека овие планети можеби немаат океани, онакви какви што имаме на Земјата, директно на површината на планетата. Ситуацијата можеби е посложена: „Температурата во атмосферите на Kepler-138c и Kepler-138d е веројатно повисока од точката на вриење на водата, и затоа очекуваме густа атмосфера, создадена од пареа. Веднаш под таа атмосфера од пареа може да има течна вода, но под висок притисок или дури и вода што можеби е во одредена состојба која се јавува при изложеност на високи притисоци – таканаречена суперкритична течност“, рече Пиоле.

Неодамна, еден друг тим од Универзитетот во Монтреал пронајде друга планета, наречена TOI-1452 b, која потенцијално би можела да биде покриена со океан од течна вода, но за ова да се провери ќе биде потребно  окото на вселенскиот телескоп Џејмс Веб на НАСА да ја проучи нејзината атмосфера и да го потврди присуството на океанот.

Клучни зборови:
Уметничка визија на водените светови Кеплер-138c i Кеплер-138d

Уметничка визија на водените светови Кеплер-138c i Кеплер-138d

Споредба помеѓу дел од Земјата (лево) и дел од егзопланетата Кеплер-138 d (десно).

Споредба помеѓу дел од Земјата (лево) и дел од егзопланетата Кеплер-138 d (десно). Како и Земјата, оваа егзопланета има внатрешност составена од метали и камења (кафеав дел) и дебел слој вода под висок притисок во различни форми: суперкритична и потенцијално течна вода длабоко во планетата и обемна обвивка од водена пареа (нијанси на сина ) надвор. Овие слоеви на вода сочинуваат повеќе од 50% од волуменот на егзопланетата, што ѝ дава просечна длабочина од околу 2000 километри. За споредба, Земјата има занемарлив дел од течна вода со просечна длабочина на океанот помала од 4 километри. фото: Универзитет во Монтреал