Рубрика: Физика
Како до поефикасна изведба на пенали?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 14.12.2022 - 19:00

Имајќи го предвид бројот на значајни натпревари чијашто разврска беше на пенали од ова тековно Светското првенство во Катар, не е ни чудо што многумина се прашуваат што сè е потребно за совршена изведба на ударот од 11 метри. Со оглед на тоа што и научниците следат фудбал ( ;) ) тие се обидоа да понудат одговор на ова прашање со проучување на сложената интеракција помеѓу стрелецот и голманот. Имено, истражувачите од Универзитетот во Квинсленд (УК) развија модел што би можел да го одреди најдобриот исход за оној што го изведува пеналот. Нивната анализа е објавена деновиве во Journal of Biomechanics. Еве ги накратко заклучоците до кои тие дојдоа.

Истражувањето може да биде добредојдено за сите вклучени во фудбалската игра, особено имајќи предвид дека токму на ова тековно Светско првенство се забележани повеќе од кога и да е досега промашени или пенали одбранети од голмани, до денес. Имено, на ова Светско првенство досега беше изведен 51 пенал (тука вклучувајќи ги и изведбите на пенали по нерешените резултати), при што од пенал биле постигнати само 32 гола, што значи дека процентот на реализација бил помал од 63%!

Решавањето на победникот со изведба на пенали по нерешен резултат на Светските првенства на ФИФА како правило беше воведено во 1978 година, а првиот меч што беше решен со изведба на пенали се случи на турнирот во Шпанија во 1982 година, на полуфиналниот натпревар СР Германија – Франција. Изведбата на пенали го замени претходното правило кое диктираше играње на нов натпревар во случај на нерешен резултат. Од тогаш до денес, пеналите стануваат сè поголем дел од светската игра, особено со контроверзното воведување на VAR-от (Video Assistant Referee). Руското издание на Светското првенство во 2018 година забележа рекордни 29 пенали (тука не сметајќи ги пеналите изведени по нерешен резултат). Од нив биле постигнати 22 гола, што е успешност од 76%.

Светско првенство 2018 – Ерик Дир го постигнува победничкиот гол за Англија на пенали против Колумбија

Како предвидувачки модел, истражувањето на УК се заснова на статистика – она што функционирало во минатото, а научниците ја проучија сложената интеракција помеѓу стрелецот и голманот.

Вообичаено, перформансите на играчот се ограничени од биомеханичките компромиси, но секој играч има низа стратегии за нив да ги надмине“, вели еден од авторите на студијата за УК, професор Роби Вилсон, од Фудбалската истражувачка група на УК. „На пример, ако стрелецот шутне со голема брзина, прецизноста се намалува, и ако голманот се придвижи рано, веројатноста дека ќе се придвижи во вистинската насока се намалува“.

Сите играчи, вклучително и меѓународните суперѕвезди како Лионел Меси и Кристијано Роналдо, имаат одреден опсег на ударот при изведување на пенали, опсег кој е предодреден од нивните силни и слаби страни. Овој опсег на шутеви ги опфаќа различните брзини на удар и деловите од голот кон којшто стрелците целат.

Земајќи го предвид опсегот на можни брзини на шутот на секој поединец, локацијата на целта, поставеноста на стапалото и техниката на удар, нашиот модел обезбедува детална проценка на можностите при изведба на пенали и на играчите им нуди низа стратегии што можат да ги искористат против различни голмани“, објаснува Вилсон. „На пример, играчот може да има поинаква стратегија против просечен голман кој има тенденција да се движи 200 милисекунди пред да се изведе ударот во топката, наспроти голман кој има тенденција да се движи подоцна“.

Моделот на УК е единствен по тоа што ја зема предвид динамиката помеѓу изведувачот на пенали и голманот.

Сакавме да откриеме како и најдобрите фудбалери би можеле да ги подобрат своите шанси за успешна изведба на пеналите“, додава Вилсон. „Претходните модели честопати се фокусираа или на стрелецот или на голманот независно, но нашиот ги испитува силните и слабите страни на обајцата, што го прави попрецизен и многу поедноставен“.

Пеналите се единствениот најважен метод за постигнување гол во фудбалот – тие се речиси единствениот момент во натпреварот каде стрелецот и голманот се среќаваат еден на еден. Од 1986 година до денес, 39% од нокаут натпреварите во финалето на Светското првенство вклучуваа изведба на пенал или биле решени со изведба на пенали. Освен тоа, дури две финалиња на светските првенства беа решени со пенали – во 1994, кога по успешната изведба светски шампион стана Бразил, и во 2006 година, кога преку пенали светското првенство го освои Италија.

Во најдобар интерес на секој тренер е да ги анализира силните и слабите страни на секој од нивните изведувачи на пенали, како што тоа го направиле научниците од УК, со цел да ја изберат најоптималната стратегија. Само неколку тренинзи би можеле да направат разлика за резултатот на некој од значајните натпревари.

И за крај, авторите завршуваат со неколку совети упатени кон идните фудбалски ѕвезди: „Против просечниот голман, нишанењето на земја кон центарот на голот е оптимално; сепак, против голман кој има тенденција на задоцнето движење, нишанењето по земја кон крајните делови на голот е најефективно."

Клучни зборови:
Светско првенство 2018 – Ерик Дир го постигнува победничкиот гол за Англија на пенали против Колумбија

Светско првенство 2018 – Ерик Дир го постигнува победничкиот гол за Англија на пенали против Колумбија фото: Oleg Bkhambri (Voltmetro)