Нов современ компјутерски томограф за брза и прецизна дијагностика кај домашните миленици со примена на минимално зрачење, набави Универзитетската ветеринарна болница при Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје.
“Следејќи ги најновите достигнувања во ветеринарна медицина, за првпат во нашата држава, Факултетот ги обедини на едно место сите услуги на современата дијагностика кај домашните миленици, со што се започнува со едно ново поглавје на услуги за врвна дијагностичка процедура на многу болести”, посочува проф. д-р Лазо Пендовски, декан на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје.
Тој додава дека компјутерскиот томограф е од најновата генерација и располага со софтвер за комплексна детекција на сите промени во организмот, репродуцирајќи квалитетни снимки кои имаат можност за реконструктивен тродимензионален приказ на промените со примена на контрастно средство за уште подетален приказ.
“Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, како водечка институција во државата, со набавката на овој современ апарат на студентите им овозможува поквалитетно студирање и стекнување на практични вештини и компетиции како идни доктори по ветеринарна медицина, а на клиентите им се овозможува квалитетна услуга за брза и современа дијагностика на нивните домашни миленици”, додаде деканот проф. д-р Лазо Пендовски