Вечерва, 7 декември во 20 часот, во просториите на Културно информативниот центар во Скопје, ќе се случи промоција на најновите модели од “бутикот за лампаши” на Президент Аудио.
Со оглед на тоа што винилот повторно се враќа во мода и љубителите на плочи сакаат да слушаат оригинален звук, засилувачите од Пресидент Аудио се вистински избор за ретро „сладокусците“. Главниот фокус ќе биде врз, во моментов, стандардните модели во понудата на Президент аудио – засилувачите EL34 PP, CHECKMATE, KT88 SE, 300B SE, секој од нив врвен примерок со специфики што го прават одличен избор за слушање квалитетна музика за различни пригоди.
Моделот EL34 PP доаѓа со 35W по канал RMS, пуш-пул изведба во А класа. Се работи за доволно моќен интегриран засилувач да побуди и помалку осетливи звучници (под 90dB). Погоден за сите жанрови музика, од класика до рок. Се препорачува за слушање во поголеми простории.
Моделот CHECKMATE претставува интегриран стерео засилувач, 17W по канал RMS, пуш-пул изведба во А класа, со препознатлива соничност на цевките EL84. Сосема доволна моќност за повеќето "букшелф" звучници. Погоден за канцеларии и помали простории.
300B SE е уште еден интегриран стереозасилувач, кој испорачува 8W по канал RMS, во "сингл ендед" изведба. Има препознатлив триоден звук со перфектна репродукција на детали. Идеален за слушање вокали и мали џез ансамбли.
Засилувачите Президент Аудио (President Audio) се изработуваат во Македонија, без користење на печатена плочка (освен напојувачкиот дел), и најчесто користат ламби од постаро производство, заради нивните супериорни карактеристики во однос на новопроизведените. Рачната изработка подразбира лемење на сите компоненти директно на лежиштата од цевките заради подобар звук и поголема безбедност заради високите напони присутни во колата.
Зошто токму лампашки засилувачи, се прашувате?
“Лампашките засилувачи ги нагласуваат парните хармоници од фреквенциите на аудио сигналот, а транзисторските – непарните хармоници. Парните хармоници звучат поубаво за човековото уво. Тие што го паметат звукот на старите дрвени радија знаат за што зборувам. Удел има и психоакустиката. Инструментите што ги слушаме со засилувач и звучници преку ушите се претвораат во сигнали кои се пренесуваат до мозокот кој треба да препознае тон со иста фреквенција од кој инструмент е отсвирен. Докажано е дека со користење на лампашки засилувач, мозокот со помалку напор препознава кој инструмент е во прашање. Затоа при повеќечасовно внимателно слушање на неквалитетен засилувач доаѓа до замор и се губи желбата за понатамошно слушање музика”, – вели Владимир Симеонов, креативниот мотор на Пресидент Аудио.
Дојдете вечерва за заедно да се уживаме во квалитетниот мек звук произведен од стаклестите ретро креации на Симеонов.