После првиот неуспешен обид поради проблеми со антените, во вторникот конечно ги воспоставивме првите радиоаматерски врски во Македонија на 5,76 GHz (бранова должина 5,2 cm), односно на C-Band - најнискиот банд на SHF подрачјето. Одржани се двострана телевизиска – ATV врска и двострана FM телефониска врска, со вид на модулација и начин на работа F3F и F3E.
Врските се одржани во 16 часот и 40 минути и во 17 часот на трасата Превалец (Z31RQ/P) – Тумбе Кафе, под Џепането (Z32TW/P), грид локатори KN01OB67ml<>KN01PA94oc, на растојание од 11,05 km, што воедно е почетен рекорд.
Првата врска на 10 GHz ја одржавме на речиси истата траса, со таа разлика што овој пат Ник работеше од локација пониска за околу триесетина метри, така што немавме директна оптичка видливост помеѓу нас. Ова намерно го направивме, за да ја тестираме способноста на 5-сантиметарските бранови за прекршување (рефракција) на препрека. Препреката беше рид на растојание од 3,16 km од Превалец, со висина 5,1 m над правата линија на оптичка видливост, а пресметките и експериментот покажаа дека прекршувањето од 0,13 аголни степени не беше никаков проблем. Сигналите беа многу силни, така што моќноста ја намаливме од 2000 mW на само 200 mW, со занемарлива деградација на сигналот (слаб шум на аудио сигналот на телевизијата).
Подготовка и поставеност на опремата
Поглед одгоре на ATV примопредавателот (во сивата кутија без капак), параболичната антена и масата со остатокот од апаратурата. Бидејќи слабеењето во кабелот е страотно на фреквенцијата 5,76 GHz, од уредот до антената има само 30 cm висококвалитетен, полукрут коаксијален кабел RG-142.
Од опрема се користени примопредавателите на база на FPV модули за дронови. Антените се параболични рефлектори 85/90 cm, со 12-елементни планарни антени како илуминатори. На 5,76 GHz пресметките покажуваат дека добивката на една антена изнесува околу 31 dBi, така што при излезна моќност на предавателот од 2 W имаме ефективна иззрачена моќност од преку 2000 W. Ако кон ова се додаде дека и на приемната страна имаме антена со добивка 31 dBi, тоа значи дека постигнуваме јачина на сигналот еквивалентна на 2 000 000 W со монопол (стап) антени на двата краја од врската.
Бидејќи на ATV подносителот на аудиото е потиснат за околу 30 dB во однос на видео сигналот, за работа само со FM телефонија применуваме поинакво решение. За да ја искористиме целата моќност на предавателот, аудиото (со ниво 1 V p-p) го доведуваме на видео влезот од предавателот. Од друга страна, на приемната страна излезот од видеото го доведуваме во аудио засилувач. На тој начин, 1 V на влезот од предавателот се демодулира точно во 1 V на излезот од приемникот. Бидејќи видео засилувачите работаат во совршено линеарен режим, преносот на звукот е вистински Hi-Fi, без никакви изобличувања и со многу широк фреквентен опсег, на што не сме навикнале при класична теснопојасна FM телефонија.
Трасата на врската (11,05 km) помеѓу Тумбе Кафе и Превалец
Вертикален профил на трасата на врската. Се гледа дека ридот на 3 km од Превалец попречува директна оптичка видливост помеѓу двете локации, но благодарение на прекршувањето на препрека, врската сепак беше можна.
Поради работните обврски многу доцна отидовме на работните локации, така што врските ги остваривме во „втора смена“, по црна темница, како што се гледа од снимките. Бев подготвен за ноќна работа, како со топла облека, така и со осветление – 3 W LED светилка за 12 V.
Сета опрема работи на акумулатор од 12 V, без потреба од инвертери за 220 V, што ни беа потребни за опремата на 10 GHz ATV. За да имаме можност да вршиме избор на „ТВ програмата“, односно на компјутерски генерираните видеа со музиката, направена е посебна инсталација, чија блок-шема е дадена во прилог. Така имаме еден вид рудиментирана техничка монтажа – сето тоа во теренски услови, како што се гледа на сликите од теренот.
Со оваа врска и освојувањето и на 5-сантиметарскиот банд, веќе имаме опрема и одржуваме врски на сите UHF и SHF подрачја, со исклучок на 24 GHz (Ka-Band, 1,25 cm подрачје). Но, не седиме со скрстени раце, па се надевам дека во текот на зимата и овој банд ќе биде освоен, со што ќе ја завршиме низата од 6 проекти на микробрановото подрачје.