Кога со голема брзина ќе се помине преку некоја скалеста препрека на патот, како банкина, камен или слично, ако автомобилот е спортски или (неправилно) фризиран / прилагодуван за трки, најчесто се случуваат вакви хаварии. За што се работи?
На фотографијата ја гледаме главата на Макферсон, предно потпирање на највероватно спортски автомобил. Носечкиот дел од каросеријата е откинат и е надвор од употреба, т.е. водењето на тркалото и потпирањето на предното десно тркало се оневозможени. Што се случило?
Најверојатно се работи за спортско возење на нерамни патишта или ненадејно совладување на некоја цврста препрека на тоа тркало, како банкина или камен. Ако автомобилот е со фабрички вградени делови, оваа хаварија не може да се случи или е вистинска реткост. Но, ако сме го преправале автомобилот во спортски, што подразбира покрути амортизери, овој дефект е редовна појава кај таквите автомобили. Имено, трките и спортското возење бараат покрута амортизација која во еден дел се состои од замена на оригиналните амортизери со покрути, со поголем коефициент на придушување. Познато е дека силата што ја прима каросеријата кога во потпирањето паралелно со пружината е поставен амортизер е производ на крутоста на амортизерот (димензија Ns/m) и брзината на повлекување на тркалото (димензија m/s). Заради преголемата крутост, се јавува огромна сила која каросеријата, каде е потпрен амортизерот, не може да ја издржи и тоа резултира со ваква хаварија.
А сега малку бројки, т.е. да извршиме една анализа како се случила оваа хаварија. Претпоставуваме дека автомобилот се движел со релативно голема брзина, од околу 80 km/h. Предното десно тркало наишло на крута препрека со висина од 10 cm. Ги воведуваме за потребите на оваа елементарна пресметка следниве упростувања кои не влијаат многу на резултатот. Прво: автомобилското тркало е апсолутно круто. Второ: масата на автомобилот е бесконечно голема, што значи дека кога тркалото ќе наиде на препреката каросеријата нема да се подигне нагоре, туку ќе се подигне со задоцнување. Усвојуваме дека пречникот на тркалото е 60 cm. Исто така усвојуваме дека коефициентот на крутост на амортизерот изнесува k=5000 Ns/m, што веројатно е вообичаено кај спортските автомобили. При овие влезни параметри и податоци ги имаме следниве величини: оддалеченоста на тркалото од препреката која само што е допрена изнесува 22 cm. Ако тркалото има поголем пречник, ова растојание е поголемо. Ако тркалото се движи со 80 km/h потребно е тој пат да се помине за 9,9*10-3 s. За ова време тркалото ќе ја совлада висината на препреката и брзината на тоа совладување, која има правец вертикално нагоре, ќе изнесува 10,1 m/s или 36 km/h. Силата со која е оптеретена во тој момент каросеријата изнесува 50 500 N или 5,05 t. Е токму оваа сила го има откорнато лимот на кој е потпрен амортизерот. Ако брзината на автомобилот е двојно поголема, што е вообичаено за спортските возила, тогаш и силата од амортизерот ќе беше двојно поголема. Исто така, ако пречникот на тркалото беше помал, оваа сила ќе беше поголема.
Поука: Секогаш вградувајте оригинални резервни делови во вашето возило. Исто така, воздржувајте се од аматерски преправки на вашето возило и користете го за онаа намена за кое е конструирано од производителот.