Skopje Air Fair претставува воздухопловен образовен саем и негова основна цел е промовирање на различните видови на професии во областа на воздухопловството. Саемот за прв пат се одржа минатата година во организација на Авикон, под покровителство на градот Скопје, а оваа година ќе се одржи на 13 ноември во Градскиот парк на локалитетот „Школка“, со почеток од 11 часот.
Учество на саемот ќе земат неколку престижни организации од областа на воздухопловството, како Агенцијата за цивилно воздухопловство, М-НАВ, ТАВ, Хеликоптерската единица при МВР, Народна техника и неколку макетарски моделарски клубови од земјава, Ад Вербум, Воздухопловната федерација, спортските аероклубови од земјава, Воената академија при АРМ, Воздухопловната академија од Србија, ТАВ, Европскиот воздухопловен институт од Романија и Wizz Air. Во оваа прилика Wizz Air ќе изврши презентација на својата програма за регрутирање на нови пилоти.
Овие образовни институции пред младите ќе ги претстават можностите за стекнување квалификации од областа на воздухопловството. На овој начин, тие ќе добијат јасна претстава за насоката на нивниот кариерен развој од областа на воздухопловството.
Skopje Air Fair е наменет за сите љубители на воздухопловството, кои се заинтересирани за меѓусебна соработка и размена на идеи и знаења од областа на воздухопловството. Организаторот Авикон претставува здружение на воздухопловни ентузијасти и е основано во 2020 г. во Скопје со единствена цел-унапредување на воздухопловството.