Дигиталните регистарски таблички, кои можат да прикажуваат и други информации покрај бројот на регистарската табличка на автомобилот, сега се легални во Калифорнија. Кон крајот на септември, гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, потпиша закон со кој се дозволува табличките со екрани со е-мастило да станат легална алтернатива на традиционалните метални таблички.
Засега само една компанија, Ревивер, има лиценца за производство на дигиталните регистарски таблички. Нивниот производ се нарекува RPlate и користи монохроматски екран со е-мастило, со заштита за која компанијата тврди дека е шест пати посилна од стаклото. Табличките се опремени со low energy Bluetooth и LTE за IoT-уреди со мала моќност, кои се напојуваат од батеријата чијшто работен век е проектиран на пет години. RPlate го прикажува бројот на регистарската табличка, а преку апликација на телефонот екранот може да се конфигурира за да прикажува и повеќе различни информации – да сигнализира дека возилото е украдено, на пример, или да даде информации за AMBER Alert (America's Missing: Broadcast Emergency Response - предупредување за итни случаи за киднапирање на деца).
Reviver претходно продаваше RPlates за 700 долари, со месечна претплата од 7 долари. Меѓутоа, сега компанијата се префрли на нов модел со претплата, па за личните возила, дигиталната регистарска табличка ќе чини 19,95 долари месечно (за период од 48 месеци) или 215,40 долари годишно, доколку претплатата се плаќа годишно, исто така, за период од четири години.