Ете, повторно е тоа време од годината кога голем дел од научната јавност е во исчекување на објавите на Нобеловиот комитет во Стокхолм којшто секој ден оваа недела ќе ги соопштува добитниците на наградите по категории. Неделата на објавување на Нобеловите награди ја отвори веста за овогодинешниот добитник на Наградата за медицина – шведскиот научник Сванте Паабо.
Како што соопшти Нобеловиот комитет Сванте Паабо ја добива овогодинешната Нобелова награда за медицина “за неговите откритија за човечката еволуција кои дадоа клучни сознанија за нашиот имунолошки систем и она што нè прави единствени во споредба со нашите изумрени роднини”.
Паабо го предводи развојот на нови техники кои им овозможија на истражувачите да го споредат геномот на современите луѓе и геномот на другите хоминини – неандерталците и Денисованците. Иако коските на неандерталците за првпат биле откриени кон средината на 19. век, дури по отклучување на нивната ДНК – честопати наречена код на животот, научниците успеале целосно да ги разберат врските меѓу видовите. Ова го вклучува и времето кога модерните луѓе и неандерталците се разделиле како вид, што е утврдено дека се случило пред околу 800 000 години, кажа Ана Ведел, претседател на Нобеловиот комитет.
Претседателката на Нобеловиот комитет за физиологија и медицина Ана Ведел, го претставува откритието направено од шведскиот научник Сванте Паабо, добитник на Нобеловата награда за медицина за 2022 година, за време на прес-конференција во Институтот Каролинска во Стокхолм, Шведска.
“Паабо и неговиот тим, исто така, изненадувачки открија дека се случил проток на гени од неандерталците кон хомо сапиенсот, што покажува дека тие имале заеднички деца во периодите на коегзистенција“, додаде таа. Овој трансфер на гени помеѓу видовите хоминини влијае на тоа како имунолошкиот систем на современите луѓе реагира на инфекции, како што е онаа со коронавирусот, на пример. Околу 1 до 2% од луѓето надвор од Африка имаат неандерталски гени.
67-годишниот Паабо ги вршел неговите наградени истражувања во Германија, на Универзитетот во Минхен и на Институтот за еволутивна антропологија Макс Планк во Лајпциг. Интересно е што Паабо е син на Суне Бергстром, добитник на Нобеловата награда за медицина во 1982 година. Повеќе за истражувањата на Паабо ќе може да дознаете во некое од следните изданија на списанието ЕМИТЕР
Дневните објави од Стокхолм за добитниците на Нобеловите награди за 2022 година продолжуваат утре, кога ќе биде објавени добитникот (или добитниците) на Наградата за физика, веќе во среда ќе бидат објавени добитниците на Наградата за хемија, додека во четврток ќе ги знаеме и добитниците за литература. Добитникот на Нобеловата награда за мир за 2022 година ќе биде објавен во петок, додека добитниците на Наградата за економија ќе бидат познати на 10 октомври.
Минатогодишните добитници на Нобеловата награда за медицина беа Дејвид Јулиус и Ардем Патапутијан за нивните откритија во врска со тоа како човечкото тело ја перципира температурата и допирот.
Наградите носат парична награда од 10 милиони шведски круни, односно околу 900 000 евра, а наградите ќе бидат доделени на 10 декември. Парите доаѓаат од задужбината на шведскиот пронаоѓач Алфред Нобел, креаторот на наградата, кој почина во 1895 година.
Томас Перлман, член на Нобеловиот комитет за физиологија и медицина, го објавува добитникот на Нобеловата награда за физиологија и медицина за 2022 година – шведскиот научник Сванте Паабо